ФИЛИПЧЕ ВО УЛОГА НА БУГАРСКИ АМБАСАДОР Манасиевски тврди дека СДСМ има ист став со официјална Софија

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ставовите на Венко Филипче за уставните измени се совпаѓаат со позициите на официјална Софија и го обвини лидерот на СДСМ дека е подготвен на нови отстапки за да дојде на власт.

52

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, го обвини лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека зазема позиции во однос на европските интеграции на Македонија кои се совпаѓаат со ставовите на официјална Софија и дека, според него, е подготвен на нови отстапки за да дојде на власт.

– Филипче во улога на бугарски амбасадор договара ново предавство на Македонија во интерес на Румен Радев, сметајќи дека така ќе дојде на власт – изјави Манасиевски на денешната прес-конференција.






Тој оцени дека официјална Софија и Филипче имаат ист став за условите за отворање на преговорите со Европската Унија, односно дека е потребно внесување на Бугарите во македонскиот Устав.

Според Манасиевски, Филипче не ги поддржува реформите од Реформската агенда и примената на Копенхашките критериуми како основа за напредокот на Македонија кон членство во ЕУ.

– Филипче им кажува јасно на граѓаните дека отворањето на преговорите и поглавјата со ЕУ не треба да се одвива преку спроведување на реформите од Реформската агенда, ниту, пак, процесот да се води според Копенхашките критериуми. А токму тие критериуми важат за секоја држава, па треба да важат и за нас – рече Манасиевски.

Тој додаде дека, според ВМРО-ДПМНЕ, Филипче и СДСМ сметаат дека за напредок кон ЕУ е потребна нова отстапка, за која тврди дека би ги засегнала македонскиот идентитет, интегритет и достоинство.

Манасиевски го поврза актуелниот став на СДСМ со политиките на поранешниот премиер Зоран Заев, обвинувајќи ја партијата дека е подготвена да се откаже од важни историски и идентитетски прашања за да ги задоволи барањата на бугарските политичари.

– Како што се откажаа од Цар Самуил и од светите браќа Кирил и Методиј, Филипче и СДСМ, по стапките на Зоран Заев, ќе се откажат од сè само за да им удоволат на оние што ги уценуваат, а тоа се токму бугарските политичари – изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

На крајот, Манасиевски упати остри критики до лидерот на СДСМ, оценувајќи дека неговите ставови претставуваат отстапување од националните интереси на државата.

– Само уценет и компромитиран човек како Филипче може да дозволи капитулација на сопствената држава – рече Манасиевски.

Поврзани содржини