ОД РИМ НАЈАВА ЗА НОВА ЕРА ВО ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА Македонија и Италија ќе разменуваат искуства и експертиза
Министрите за јавна администрација на Македонија и Италија, Горан Минчев и Паоло Зангрило, потпишаа Меморандум за соработка, со фокус на професионалниот развој, обуките и модернизацијата на администрацијата.
Време е законите целосно да почнат да се применуваат, а реформата да даде резултати што граѓаните ќе ги почувствуваат, порача министерот за јавна администрација Горан Минчев од Рим.
Минчев денеска со министерот за јавна администрација на Република Италија, Паоло Зангрило, потпиша Меморандум за соработка меѓу Министерството за јавна администрација на Република Македонија и Одделот за јавна администрација при Претседателството на Советот на министри на Италијанската Република.
Како што информираат од кабинетот на министерот за јавна администрација, партнерството претставува инвестиција во луѓето кои ја носат јавната администрација. Важен дел од соработката ќе биде насочен кон воспоставувањето и развојот на Академијата за професионален развој и обука на административните службеници.
Преку Академијата, како што се наведува, ќе се создадат услови за континуирано стекнување нови знаења, унапредување на вештините и градење професионална и компетентна администрација.
Минчев нагласил дека за Македонија Меморандумот е особено значаен бидејќи е насочен кон зајакнување на професионалните капацитети на администрацијата и создавање систем во кој развојот на административните службеници ќе биде постојан и системски процес.
– Токму затоа, една од клучните области на соработката ќе биде воспоставувањето и развојот на нашата Академија за професионален развој и обука на административните службеници. Сакаме да изградиме систем во кој административниот службеник постојано ќе учи, ќе се усовршува и ќе има можност стекнатото знаење да го претвори во подобри резултати во својата работа. Крајната цел се подобри услуги за граѓаните – изјави Минчев.
Италијанскиот министер за јавна администрација, Паоло Зангрило, посочил дека процесот на проширување на Европската Унија, кој се темели на заслуги, бара силни и професионални јавни администрации засновани на принципот на заслуги, како во земјите кандидати, така и во земјите членки на ЕУ.
– Подготвени сме да го споделиме искуството од реформите што ги спроведовме во последните години, од дигитализираниот процес на вработување, преку обуките, до Законот за заслуги. Италија цврсто го поддржува европскиот пат на Македонија, а квалитетот на јавната администрација е еден од неговите темели – порача Зангрило.
Во рамки на посетата, министрите одржале и билатерална средба на која, како што информираат, разговарале за тековните реформи во јавната администрација, можностите за размена на италијанското искуство и експертиза, како и за конкретизирање на идните активности во повеќе области од заеднички интерес.
Меѓу нив се управувањето со квалитет, иновациите во јавниот сектор и Партнерството за отворена власт.
Двете страни се договориле во наредниот период да ја дефинираат и првата програма за заеднички активности за 2027 година, со која ќе се операционализира соработката предвидена со Меморандумот.
Од Министерството за јавна администрација оценуваат дека соработката со Италија е дел од традиционално добрите и пријателски билатерални односи меѓу двете земји и претставува нивно конкретно продлабочување во област од особено значење за европската интеграција на Македонија.
Италија е поддржувач на европскиот пат на Македонија, а размената на искуства и институционалната соработка во реформата на јавната администрација, според Министерството, претставуваат придонес кон изградбата на професионални, ефикасни и европски ориентирани институции.