ФИЛИПЧЕ ГО НАВРЕДИ МИЦКОСКИ НАРЕКУВАЈЌИ ГО „КОМПЛЕТЕН ИДИОТ“ Нервозна реакција и кон Платформата 12.05 – да му се тргнела од патот зашто ќе ja згазел како шлепер жаба

Филипче упати директни критики кон Игор Ивановски и Славјанка Петровска кои сега се дел од Платформата 12.05, која бара оставка од него. Тој го доведе во прашање нивниот кредибилитет да предлагаат како треба да се води партијата.

271

Лидерот на СДСМ Венко Филипче денеска го навреди премиерот Христијан Мицкоски нарекувајќи го „комплетен идиот“ и обвинувајќи го дека ја изолира Македонија на патот кон ЕУ.

– Не знам дали сте свесни каква тежина политичка има овој момент во којшто после 30 и кусур години ние сме во ќорсокак за Европа. По желба лична на Христијан Мицкоски. Дали сте свесни дека има јасен чист пат за 4 земји и нас таму нè нема. До 2030 година, отворена е вратата во Европа, земји и членки ќе станат Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија. Нас нè нема. При тоа, Христијан Мицкоски сè уште глуми патриот, ќе го бранеше името, јазикот, културата, идентитетот, па сè е зачувано во меѓународниот договори. Па сега зборува некои будалаштини, Исланд не сакал во Европска Унија, па Исланд е дел од заедничкиот пазар. Па може ли таков идиот да е човекот комплетен? Да нè изолира целосно? Па дали мисли дека сме наивни? Дали мисли дека луѓето се наивни? Што сака да постигне? – рече Филипче.






Во пресрет на посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен в петок, Филипче упати порака до Мицкоски да размисли за последиците од своите одлуки.

– На Христијан сакам да му порачам, нека размисли добро, ако треба и нека не спие вечер, за тоа што ќе ѝ каже на Урсула фон дер Лајен? И да не си игра со иднината на земјата, затоа што може да му судат следните генерации – додаде Филипче.

Филипче упати директни критики кон Игор Ивановски и Славјанка Петровска кои сега се дел од Платформата 12.05, која бара оставка од него. Тој го доведе во прашање нивниот кредибилитет да предлагаат како треба да се води партијата.

– Нека ми се тргнат од патот, затоа што ќе ги згазам како шлепер жаба, да ги потсетам на нешто од нивното време – рече нервозно Филипче.

Тој за Игор Ивановски рече дека бил член на повеќе управни одбори и имал значителни месечни приходи, додавајќи дека сега излегува со совети за тоа што треба да се прави со СДСМ.

За Славјанка Петровска праша – зошто токму сега го критикува актуелното раководство.

– Се прашувам што е причина за ова? Да не е изјавата на Мисајловски, да потпишала за 37 милиони евра поскап договор за хеликоптерите, за која комисијата донела друга одлука. Па ја погребаа партијата за малку. На издишување беше. Па ние сите во изминативе две години тешко работиме, консолидираме и они сега ќе кажуваат како треба. Кога ќе кажуваат? Кога ги вадиме најголемите скандали на власта. Па кој е наивен? А ако сакаат да се вклучат, сега ги имаме изборите во Брвеница. Ќе ги ставиме во распоредот, па нека помогнат, ако сакаат вистински да ѝ помогнат на партијата. Ако не, нека ми се тргнат од патот, затоа што ќе ги изгазам како шлепер жаба, да ги потсетам нешто од нивното време – рече Филипче.

Поврзани содржини