МОРЕТО СЕ КАЧУВА СЀ ПОБРЗО, А ВОДАТА СТАНУВА ПОКИСЕЛА Океаните апсорбирале рекордни 23 зетаџули топлина

Новото издание на извештајот на „Коперникус“ покажува забрзано зголемување на нивото на морето, затоплување и закиселување на океаните, како и сериозни последици врз морскиот екосистем.

39

Светските океани минатата година апсорбирале рекордни 23 зетаџули топлина, што е речиси 40 пати повеќе од вкупната количина енергија што ја потрошило човештвото во текот на истата година, покажува извештајот за состојбата на океаните на програмата „Коперникус“.

Во десеттото издание на извештајот се наведува дека од 1999 година нивото на морето се зголемува во просек за околу 3,8 милиметри годишно. Во периодот од 2012 до 2025 година, растот се забрзал на 4,2 милиметри годишно, објавува „Гардијан“.






Извештајот покажува и дека глобалниот океан станал за 17 отсто покисел во последните 40 години.

Океаните апсорбирале околу една третина од јаглеродниот диоксид што го испушта човештвото, како и околу 90 отсто од дополнителната топлина заробена во Земјиниот систем како последица на емисиите на стакленички гасови.

Научниците утврдиле дека Средоземното и Црното Море се погодени од рекордни морски топлотни бранови, при што високите температури се задржуваат и длабоко под површината.

Средоземното Море се затоплува со стапка од 0,32 Целзиусови степени по деценија, а затоплувањето особено се забрзало во последните години, што придонесува за почести морски топлотни бранови.

Извештајот ги покажува и значајните последици од затоплувањето врз морскиот живот. Од јануари 2023 до септември 2025 година, дури 84 отсто од светските корални гребени биле изложени на топлински стрес.

Во изминатите 30 години, речиси пет отсто од површината на океанот доживеале трајни промени во моделите на раст на фитопланктонот – микроскопски организми кои се основа на многу синџири на исхрана и играат важна улога во регулирањето на протокот на јаглерод.

На Антарктикот, во 2022 година, четири колонии на царски пингвини доживеале целосен неуспех во размножувањето во период кога морскиот мраз достигнал рекордно ниско ниво.

Поврзани содржини