📽️ ДЕЦАТА МУ УПАДНАА ВО ИНТЕРВЈУ, ТОЈ МИСЛЕЛ ДЕКА Е КРАЈ НА КАРИЕРАТА „Таткото од Би-Би-Си“ откри дали славата му донела пари
Семејната сцена среде сериозен телевизиски разговор го направи Роберт Кели препознатлив низ светот. Потоа пристигнувале рекламни понуди, но повеќето не се реализирале.
Професорот по меѓународни односи Роберт Кели помислил дека неговата кариера како телевизиски коментатор завршила кога децата му влетале во интервју за Би-Би-Си. Сцената од март 2017 година го прославила како „таткото од Би-Би-Си“, а едно прашање постојано го следело — дали семејството заработило од ненадејната слава?
Одговорот е да, но далеку помалку отколку што луѓето претпоставувале, пренесува Н1.
Кели објаснил дека по објавувањето на снимката добивале понуди за реклами и други ангажмани. Сепак, најголемиот дел останале само понуди. Семејството соработувало со „Џонсон и Џонсон“ и се појавило во новогодишна телевизиска програма.
Професорот добивал и повеќе покани за платени предавања. Заработката ја опишал како еднократен прилив, кој не донел голема промена во семејните приходи. Конкретна сума не навел.
Сè почнало додека Кели ја коментирал политичката криза во Јужна Кореја од домашната канцеларија. Неговата ќерка Марион влегла во собата, а тој се обидел да ја тргне од кадарот продолжувајќи го разговорот.
Потоа пристигнал и синот Џејмс во проодувалка. Нивната мајка Ким Џунг-а втрчала по нив и се обидела да ги изнесе додека интервјуто сè уште траело.
Кели подоцна објаснил дека се надевал оти водителот ќе го заврши разговорот и ќе го спаси од непријатноста. Демантирал и дека семејството ја наместило сцената за да привлече внимание.
Сопружниците решиле да не ја бркаат славата, загрижени како таа би влијаела врз децата. Сепак, препознавањето на улица станало дел од секојдневието.
Еднаш полицаец во Јужна Кореја го запрел Кели за да направат селфи.