МИЦКОСКИ ЌЕ ПОБАРА ДА СЕ РАЗРЕШИ ДИРЕКТОРОТ ШТО ДОЗВОЛИЛ СНИМАЊЕ СПОТ ВО „МАКЕДОНИУМОТ“ Премиерот им се извини на граѓаните за направениот пропуст

Уште денеска ќе побарам да бидат разрешени и директорот и членовите на Управниот одбор - потенцира премиерот Мицкоски, откако вчера имаше разни реакции за снимањето во „Македониумот“ на делови од музички спот за потребите на косовскиот рапер Дон Џони.

132

Премиерот Христијан Мицкоски уште денеска ќе побара разрешување на директорот на Историскиот музеј во Крушево и на членовите на Управниот одбор на оваа институција, кои дозволиле да се изнајми историскиот споменик „Македониум“ за снимање музички спот.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со овој случај, Мицкоски им се извини на граѓаните за пропустот и рече дека Владата ќе се потруди во иднина такво нешто да не се повтори.






– Ги следев сите реакции. Навистина она што се случило таму е нешто што не требало да се случи. Ќе побарам од министерот за култура да биде разрешен директорот на оваа институција, заедно со Управниот одбор, зашто таков тип институции не треба да бидат изнајмувани и користени за такви намени. Им се извинувам на граѓаните поради пропустот што е направен и се случил. Ќе се трудиме во иднина такво нешто да не се повтори. Уште денеска ќе побарам да бидат разрешени и директорот и членовите на Управниот одбор – потенцира премиерот Мицкоски, кој заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска присуствуваше на пуштањето во употреба на реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје.

„Македониумот“, кој е заштитено културно наследство на државата, за сума од 500 евра бил отстапен на продукцијата на косовскиот рапер Дон Џони за снимање делови од спотот за неговата песна „Секси мама“.

Поврзани содржини