ПРАВЕЛ НУКЛЕАРЕН РЕАКТОР ВО ШУПА, ШТЕТАТА Е ОГРОМНА Деценија од смртта на нуклеариот „извидник“ Хан
Дејвид Хан имал 17 години кога неговите нуклеарни експерименти во Мичиген предизвикале интервенција на властите. Не успеал да направи функционален реактор, но оставил радиоактивно загадување чие расчистување чинело околу 60.000 долари.
Дејвид Хан од Мичиген како тинејџер сакал да направи нуклеарен реактор во дворот, а зад себе оставил шупа што морала да биде отстранета како радиоактивен отпад. Десетгодишнината од неговата смрт, која се наврши овој септември, ја враќа приказната за американскиот „нуклеарен извидник“ и експериментот што ги надминал границите на домашната лабораторија.
Хан станал познат по обидот од 1994 година, кога како 17-годишник тајно експериментирал во шупата кај домот на мајка му во Мичиген. Успеал да состави примитивен извор на неутрони, но не и реактор со самоодржлива нуклеарна верижна реакција.
Токму таа разлика често се губи во сензационалните прераскажувања на неговиот живот. Експериментот не ја постигнал целта, но радиоактивната контаминација била реална.
Тинејџерот се претставувал како професор
Хан барал стручни информации преку писма, претставувајќи се како наставник. Така воспоставил преписка и со службеник на американската Нуклеарна регулаторна комисија, објави „Арс техника“.
Овој детал ѝ дава дополнителна тежина на приказната и денес: институцијата одговарала на прашањата на наводен просветен работник, додека зад писмата стоел малолетник што експериментирал дома.
Властите го откриле случајот откако полицијата пронашла радиоактивни материјали во неговиот автомобил. Расчистувањето на шупата почнало во јуни 1995 година. Според „Популар механикс“, операцијата траела 3 дена и чинела околу 60.000 долари. Контаминираните остатоци завршиле на одлагалиште во Јута.
Смртта повторно ја отворила приказната за радијацијата
Хан починал во септември 2016 година, на 39-годишна возраст. Неговата смрт повторно го наметнала прашањето дали тинејџерските експерименти оставиле фатални последици.
Неговиот татко Кенет во 2017 година изјавил за „Арс техника“ дека причината била труење со алкохол, повикувајќи се на токсиколошкиот и обдукцискиот извештај. Според него, нуклеарните експерименти немале улога во смртта на синот.
Хан подоцна служел во морнарицата на САД, вклучително и на „Ентерпрајз“, носач на авиони на нуклеарен погон.