СРЦЕВИТЕ ЗАБОЛУВАЊА СЕ НАЈЧЕСТА ПРИЧИНА ЗА СМРТ Раното откривање на кардиоваскуларни проблеми е приоритет, но како да се дојде до кардиолог?!
Превенцијата на срцевите проблеми не значи само здрави навики, туку и навремена достапност до лекар и преглед. Тоа е кај нас речиси невозможно ако се обидувате да закажете кај кардиолог во рамки на државното здравство и тоа е нешто што треба да се потенцира токму денес (29.09) на Светскиот ден на срцето
Овогодишното мото под кое се одбележува Светскиот ден на срцето (29.09) е да не ги игнорираме предупредувачките знаци и да се грижиме за срцето пред да се појави сериозен проблем.
– Болеста на срцето може да биде незабележлива: фатете го ритамот на срцето! Не пропуштајте ниту едно отчукување – гласи мотото на овогодишниот Светски ден на срцето.
Затоа, почнете денес, бидејќи и еден ден порано може да значи многу. Светскиот ден на срцето е воспоставен во 2000 година и служи како потсетник дека кардиоваскуларните заболувања во голема мера можат да се спречат.
Секој килограм вишок носи одредено зголемување на ризикот од срцев удар, пред сè затоа што прекумерната телесна тежина влијае врз зголемувањето на крвниот притисок. Меѓу факторите на ризик за кардиоваскуларните заболувања врз кои можеме да влијаеме се пушењето, шеќерот и физичката неактивност. На ниво на целото општество, важен фактор е и загадувањето на воздухот.
Затоа, размислете за своето здравје уште денес.
Поважно е што јадете, а не само колку јадете!
Не прескокнувајте оброци. Избирајте храна со помалку калории. Наместо да пржите и похувате, печете на скара или во рерна со многу малку маслиново масло. Добар избор можат да бидат и фритезите на топол воздух, односно „air fryer“.
Планирајте ги оброците однапред.
Избегнувајте преработена храна. Подобро купете свежо сирење или парче свежо месо отколку производ за кој не знаете што сè содржи, а особено избегнувајте сувомеснати производи. Носете појадок од дома – често ќе биде подобар избор од оној од пекара.
Исфрлете го алкохолот или намалете го внесот на минимум.
Не постои количина алкохол која ќе ја подобри циркулацијата. Наместо тоа, испијте чаша вода.
Движете се!
Секогаш кога можете. Најмалку половина час дневно. Обидете се да се раздвижите и во текот на денот – неколку вежби, истегнување, стомачни вежби или едноставно кратко раздвижување. И десет минути дневно се подобри од никаква активност.
Размислете дали навистина мора да одите со автомобил.
Дали мора со автомобил да одите и до блиската продавница? Дали до град секогаш мора да одите со автомобил или можете пеш ако не сте на 20 километри оддалеченост? Дали до работа би можеле да одите со велосипед? Малку движење може да значи и подобро здравје и заштедени пари.
Откажете ги цигарите.
Фрлете ја кутијата цигари или резервните кутии. Можете да го направите тоа. Една година по откажувањето од пушењето, ризикот од срцев удар се намалува за половина во споредба со пушачите.
И не се залажувајте – ако користите електронски цигари, односно вејпови, или уреди за загревање тутун, тоа не значи дека сте престанале да бидете изложени на тутунски производи.
Заштитете се од пасивното пушење.
Ако некој постојано пуши во вашиот дом, и вие сте изложени на чадот. Пасивното пушење исто така влијае врз здравјето на срцето.
Одржувајте здрава телесна тежина.
Штом забележите дека сте се здебелиле, преземете мерки. Вишокот масно ткиво, особено во пределот на стомакот, е поврзан со хронично воспаление и инсулинска резистенција. Дури и намалување на телесната тежина за 5 до 10 отсто може да помогне во намалувањето на крвниот притисок.
Дознајте го својот кардиоваскуларен ризик.
Посетете лекар кој ќе ги направи потребните мерења. Ќе добиете совет, а можеби и упат за специјалист. Вреди да се потрудите, дури и кога закажувањето не е едноставно.
А што е со стресот?
Лесно е да се каже „не се нервирајте“. Сепак, обидете се секојдневните нервози да ги ставите во поширок контекст. Пронајдете начин да се опуштите – дружење, филм, креативност, хоби или нешто друго што ви годи.
Светскиот ден на срцето потсетува токму на тоа – превенцијата не се состои од една работа, туку од низа секојдневни одлуки.
Но, постои и друга страна на приказната: за превенцијата е потребно и здравствениот систем да овозможи навремена проверка.
Во Македонија, специјалистичките прегледи во јавниот систем се закажуваат преку „Мој термин“, а официјалниот систем наведува дека достапните термини треба да бидат видливи преку јавниот портал. Термините ги креираат здравствените установи, а специјалистите се должни да ги креираат и одобрат термините за следниот месец до 10-ти во тековниот месец.
Клиниката за кардиологија, исто така, наведува дека прегледите се закажуваат преку „Мој термин“ со упат од матичен лекар, додека за итните состојби постои ургентна амбуланта која работи 24 часа.
Тука се отвора едно сосема логично прашање: како да се зборува за превенција и рано откривање на срцевите заболувања ако пациентот со упат не може навреме да стигне до кардиолог?
Иронијата е што кардиоваскуларните заболувања се токму област каде раното откривање е особено важно. Светската здравствена организација нагласува дека кардиоваскуларните заболувања се водечка причина за смрт во светот и дека раното откривање овозможува навремено започнување со советување и терапија.
Во Македонија, податоците се исто така сериозни. Според последните детални официјални податоци за причините за смрт во 2024 година, болестите на циркулаторниот систем биле најчестата причина за смрт и учествувале со 43,8 отсто од сите смртни случаи. Во таа година починале вкупно 20.201 лице, што значи дека станува збор за приближно 8.800 смртни случаи поврзани со болести на циркулаторниот систем.
Светската федерација за срце годинава дополнително нагласува дека кардиоваскуларните заболувања можат да бидат „скриени пред очи“ и дека знаците понекогаш остануваат незабележани сè додека не биде предоцна. Токму затоа кампањата за 2026 година го става акцентот на препознавањето на симптомите и навременото реагирање.