АМЕРИКАНСКАТА DFC Е ВО ИГРА, ТРЕБА ДА СЕ СКРОИ ПРОЕКТОТ Мицкоски откри детали за можна енергетска инвестиција

По разговорите во САД, Владата очекува да ја доработи идејата за проектот и да ја постави финансиската конструкција, а како можен носител се споменува државната ЕСМ. Американската DFC би можела да биде еден од финансиерите, но до тоа треба да се стигне преку постапка во која би учествувале и други заемодаватели.

0

Енергетиката повторно е во фокусот на разговорите со американската компанија DFC, а Владата сега треба да го скрои проектот, да одреди кој ќе го води и да најде модел за негово финансирање.

Премиерот Христијан Мицкоски ја посочува АД ЕСМ како можен носител, додека американската финансиска институција би можела да биде еден од заемодавателите.






Разговорите продолжуваат по средбата на Мицкоски со високи претставници на Американската финансиска развојна корпорација во САД, задолжени за инвестиции.

– Ценам дека имавме прилично успешен разговор и од тој разговор можам да бидам оптимист. Секогаш после тие разговори тоа што следи е многу значајно и важно. Мислам дека во периодот што следи ќе го доразработиме проектот, замислата, идејата каква ни е. Кој да биде инвеститор, кој да го фасилитира тој проект – рече Мицкоски во гостување на ТВ Алфа.

Американската DFC е развојно-финансиска институција на Владата на САД која финансира и поддржува инвестиции во странство. Во претходните разговори со македонската Влада веќе биле отворени енергетски и инфраструктурни проекти, меѓу кои и можноста за финансирање на Чебрен и Галиште.

Доколку проектот го преземе АД ЕСМ, според Мицкоски, државната компанија ќе мора да ги почитува процедурите од Законот за јавни набавки.

Тоа би значело објавување повик за обезбедување финансиска конструкција, на кој би можеле да се јават повеќе заинтересирани финансиски институции.

– Јас очекувам дека на тој повик би се јавиле и DFC заедно со други заемодаватели – рече Мицкоски.

Мицкоски средбата со претставниците на DFC ја вброи меѓу најважните економски разговори за време на посетата на САД. Македонската делегација, според него, имала контакти и со компании од воената, ИТ, автомобилската и фармацевтската индустрија.

За време на посетата имал средба и со претставници на Стејт департментот, а во Њујорк разговарал со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за надворешнополитичките приоритети и процесот на пристапување во ЕУ.

Мицкоски ги отфрли и тврдењата на опозицијата дека владината делегација во Њујорк броела околу 50 лица.

– Не станува збор за такво нешто. Многу, многу помалку, можеби и помалку од половина од таа бројка беше таму присутна – рече премиерот.

Поврзани содржини