ДРЖАВАТА ГИ СЛУШНА ЛИЦАТА СО ОШТЕТЕН СЛУХ Изработи прирачник за комуникација со институциите
Нашата задача е да ги отстрануваме бариерите, а не граѓаните да се приспособуваат на бариерите на системот – рече министерот Минчев.
Јавната администрација е тука за сите граѓани. А тоа значи дека секој граѓанин, без разлика на своите потреби и предизвици, треба да може да добие информација, услуга и помош на начин што му е разбирлив и достапен – рече денеска министерот за јавна администрација Горан Минчев на промоцијата на Практичниот водич за комуникација и обезбедување услуги на лицата со оштетен слух.
Прирачникот е изработен на иницијатива од Министерството за јавна администрација, со цел да се придонесе кон подобра комуникација меѓу институциите и лицата со оштетен слух и кон полесен и поеднаков пристап до јавните услуги. Автор е Даниела Дичовска, лиценциран толкувач на знаковен јазик, со практични насоки за административните службеници во нивната секојдневна работа.
– Кога зборуваме за реформа на јавната администрација, не зборуваме само за закони, процедури и институции. Зборуваме за луѓето. За тоа дали еден граѓанин ќе може да добие навремена информација и дали ќе може рамноправно да ја оствари својата услуга. Нашата задача е да ги отстрануваме бариерите, а не граѓаните да се приспособуваат на бариерите на системот. Ова е уште еден чекор кон администрација која не гледа само на тоа дали постои услуга, туку и дали таа услуга навистина може да ја користи секој граѓанин. Бидејќи квалитетна јавна администрација е онаа која не остава никого зад себе. И токму затоа, пристапноста не треба да биде исклучок или посебна мерка. Таа треба да биде дел од начинот на кој институциите работат секој ден, со разбирање, почит и еднаква грижа за секој граѓанин – рече министерот Минчев.
На промоцијата присуствуваа и Снежана Трпевска, национална координаторка за лица со попреченост, Сузана Стојановска, претседателка на Дневен центар „Доза среќа“ и Благица Димитровска, претседателка на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“.