БРИТАНЦИТЕ ДА СЕ ПОДГОТВАТ ЗА ВОЈНА И ЗА ПРИРОДНИ КАТАСТРОФИ Министерот Стритинг бара во секој дом да има готовина, вода и конзервирана храна
Британскиот министер за одбрана Вес Стритинг ги повика граѓаните да имаат основни резерви дома за случај на прекин на струја, природни катастрофи, сајбернапади, терористички закани или, во екстремни околности, војна.
Британскиот министер за одбрана Вес Стритинг ги повика граѓаните во своите домови да имаат одредена количина готовина, флаширана вода и конзервирана храна во случај на војна или природни катастрофи.
Тој предупреди дека Велика Британија е изложена на зголемен ризик од пожари, поплави, сајбернапади и други закани.
Стритинг изјави дека на Британија ѝ е потребен пристап што ќе го вклучи „целото општество“ со цел да се зајакне отпорноста на земјата, но нагласи дека граѓаните кон можните закани треба да се однесуваат „внимателно, а не вознемирено“.
Во разговор за британскиот весник „Сан“, Стритинг рече дека подготовката на граѓаните не претставува големо барање, туку подразбира основни мерки на претпазливост.
– Дали дома имаат сè што им е потребно доколку на одредено време го изгубат пристапот до електронското банкарство? Што ако снема струја? – праша Стритинг.
Тој додаде дека граѓаните треба да бидат подготвени и во случај на опасност од шумски пожари или поплави.
– Тоа значи да имате одредена готовина дома, залиха од флаширана вода и конзервирана храна до која можете да пристапите ако снема струја и не можете да готвите на шпорет или во микробранова печка – рече британскиот министер.
Стритинг наведе дека Велика Британија се соочува со ризици што ги претставуваат непријателски држави и терористички групи, но и со сè поекстремни временски услови, вклучително и поплави и шумски пожари.
Тој ги повика граѓаните да размислат како да бидат подготвени за природни непогоди, терористички напади или, во екстремни околности, за војна.
Британскиот министер предупреди дека ваквите пораки можат да предизвикаат претерани реакции кај граѓаните, но нагласи дека отпорноста на општеството „секогаш е важна за една земја“.
Британската влада има и официјални упатства за подготовка за вонредни ситуации, кои не се однесуваат исклучиво на воен конфликт, туку и на поплави, пожари, прекини на електричната енергија и други кризни ситуации.
Меѓу основните работи што се препорачуваат за домаќинствата се комплет за прва помош, батериска ламба, резервни батерии и радио што работи на батерии или со рачно навивање. Се препорачува и одредена количина готовина, како и резервна храна и вода.
Според актуелното истражување на британската влада за подготвеноста на населението, официјалните препораки вклучуваат и залиха од храна што не се расипува и не бара готвење, како и флаширана вода. Во истражувањето за 2026 година, како референтна количина се користат околу три литри вода за пиење по лице дневно.
Владините упатства исто така советуваат домаќинствата да имаат преносна батерија за полнење на мобилниот телефон, неопходни лекови, важни телефонски броеви запишани на хартија и основен план за постапување во итен случај.
Целта на овие мерки е домаќинствата да можат да функционираат неколку дена доколку дојде до прекин на струја, нарушување на снабдувањето со вода, поплава, пожар или друга вонредна состојба.