📽️ НА МАЈКА МУ Ѝ СОВЕТУВАЛЕ ДА НЕ ГО РAЃА, НА 12 ГОДИНИ ОСЛЕПЕЛ… Животната приказна на Андреа Бочели звучи како филмско сценарио
Андреа Бочели уште како бебе имал вроден глауком, на 12 години целосно го изгубил видот, а подоцна дипломирал право и работел како адвокат пред музиката да му го промени животот.
Италијанскиот тенор Андреа Бочели денес е еден од најпознатите оперски пејачи во светот, но зад неговиот успех се крие неверојатна животна приказна исполнета со губење на видот, откажување од адвокатската кариера, големи љубови и семејство кое последниве години сè почесто му се придружува и на сцената.
Бочели е роден на 22 септември 1958 година во Лајатико, Тоскана, а само неколку месеци по раѓањето му бил дијагностициран вроден глауком. Неговото доаѓање на свет било проследено и со драматична околност. Лекарите за време на бременоста на неговата мајка Еди ја советувале да ја прекине бременоста, бидејќи верувале дека детето ќе се роди со инвалидитет. Таа сепак не ги послушала.
Детството го поминал на семејната фарма, а музиката уште од најрана возраст имала посебно место во неговиот живот. Мајка му еднаш открила дека токму музиката можела да го утеши уште додека бил мало дете. На шест години почнал да свири пијано, а подоцна научил да свири и флејта, саксофон, труба, тромбон, гитара и тапани.
Неговата баба Оријана му ја подарила првата плоча од оперскиот великан Франко Корели, откако Андреа изразил желба еден ден и самиот да стане оперски пејач.
Животот целосно му се променил кога имал само 12 години. За време на фудбалски натпревар, на кој играл како голман, топката го погодила во главата. По несреќата лекарите не успеале да му го спасат видот и тој целосно ослепел.
Тешката животна пречка не го оддалечила од музиката. Веќе на 14 години победил на својот прв музички натпревар, изведувајќи ја песната „O sole mio“.
Сепак, Бочели првично не тргнал по професионален музички пат. Запишал право на Универзитетот во Пиза, а за време на студиите заработувал настапувајќи по барови. Дипломирал, а потоа околу една година работел како адвокат, но љубовта кон музиката се покажала посилна.
Големиот пресврт дошол на почетокот на 90-тите години, кога италијанскиот пејач Зукеро барал тенор кој би снимил демо-снимка на песна наменета за Лучано Павароти. Изведбата на Бочели привлекла големо внимание, а набргу пред него почнале да се отвораат вратите на италијанската и светската музичка сцена. Настапил на фестивалот во Санремо, ги објавил првите албуми и почнал да ја гради кариерата која ќе го претвори во меѓународна ѕвезда.
Една од песните што ја одбележаа неговата кариера несомнено е „Con te partirò“, чија верзија „Time to Say Goodbye“, што ја сними со Сара Брајтман, стана светски хит.
За неговиот глас низ годините се раскажувале бројни приказни, а еден од најпознатите комплименти му го упатила Селин Дион. Таа своевремено го опишала талентот на Бочели со зборовите дека, кога Бог би знаел да пее, сигурно би звучел како него.
Во текот на импресивната кариера Бочели настапувал на некои од најпознатите светски сцени, меѓу кои „Карнеги хол“, „Метрополитен опера“, „Ејвери Фишер хол“ и „Медисон сквер гарден“. Сепак, посебно место во неговите спомени има спектакуларниот концерт „One Night in Central Park“ од 2011 година, на кој го придружуваа Њујоршката филхармонија и „Вестминстер симфоник хор“. Бочели подоцна токму тој концерт го нарече еден од врвовите на својата кариера.
Покрај богатата кариера, интересен е и неговиот приватен живот. Првата сопруга, Енрика Ченцати, ја запознал додека како студент настапувал по барови. Се венчале во 1992 година и добиле два сина, Амос и Матео, но нивниот брак завршил десет години подоцна.
Двајцата синови ја наследиле љубовта кон музиката од својот татко. Матео тргнал по неговите стапки како пејач и со него ја снимил песната „Fall on Me“, додека Амос е талентиран пијанист.
Истата година кога се разделил од првата сопруга, Бочели ја запознал Вероника Берти. Нивната средба се случила во 2002 година на една забава, кога Вероника имала 18, а Андреа 44 години. Според нејзините зборови, нивната љубовна приказна започнала откако тој ѝ испеал арија. Вероника подоцна станала и негова менаџерка.
Големата разлика во годините, според нивните зборови, никогаш не им претставувала проблем. Бочели своевремено истакнал дека слична возрасна разлика постоела и меѓу неговите родители. Во 2012 година парот ја добил ќерката Вирџинија, а две години подоцна се венчале во светилиштето Мадона ди Монтенеро во Тоскана.
И Вирџинија уште многу рано покажала интерес за музиката. Првиот професионален настап со татко ѝ го имала на божиќниот концерт „Believe in Christmas“ во 2020 година, кога заедно ја извеле „Hallelujah“ на Леонард Коен. Подоцна на сцената им се придружил и нејзиниот полубрат Матео, па музиката станала вистинска семејна работа.
Бочели никогаш не криел колку му значи семејството. Зборувајќи за заедничките настапи со своите деца, семејството го споредил со музиката и го опишал како посебна нишка што му ја враќа хармонијата на животот.
Од момчето на кое лекарите му предвидувале живот проследен со здравствени проблеми, преку целосното губење на видот и адвокатската канцеларија, па сè до најголемите светски сцени, животната приказна на Бочели денес навистина звучи речиси како филмско сценарио. Неговиот препознатлив глас му донесе светска слава, а љубовта кон музиката ја пренесе и на своите деца, кои сè почесто стојат покрај него под рефлекторите.