Доналд Трамп: Што е следно?

Не е прашање само до каде е подготвен да оди Трамп, туку и зошто најмоќните светски лидери внимателно ги мерат своите реакции. Зад таа воздржаност често би морал да стои сопствен економски, енергетски, безбедносен, геополитички или кој било друг интерес.

71

Кога францускиот претседател Емануел Макрон деновиве слета на Сен Пјер и Микелон, малата француска територија во Северна Америка, неговата посета доби значење многу поголемо од географските димензии на архипелагот. Неколку недели претходно Доналд Трамп објави карта на која Канада, Гренланд и повеќе други територии, меѓу кои и Сен Пјер и Микелон, беа прекриени со американското знаме. Од островот Макрон порача дека станува збор за француска територија и дека Франција нема секое утро повторно да го потврдува својот суверенитет затоа што некој има „чудни идеи“. Во исто време таму пристигна и канадскиот премиер Марк Карни. Симболиката тешко можеше да биде појасна.

Но ова не е приказна за два мали острова во Атлантикот. Прашањето е многу поголемо: што всушност прави Доналд Трамп со американската надворешна политика и со светскиот поредок каков што го познаваме?






И уште поважно: знае ли некој што е следно?

Да почнеме од Алјаска. Средбата на Трамп и Путин во август 2025 година испрати јасна порака дека американскиот претседател е подготвен најголемите меѓународни проблеми да ги решава преку директно договарање со другите големи сили. Украина не учествуваше на самитот, иако војната во Украина беше неговата главна тема. Конечен договор не беше постигнат, но беше демонстрирана една стара логика на меѓународната политика: големите сили повторно разговараат директно за прашања од кои зависи судбината на помалите.

Потоа дојде Гренланд. Зад навидум неверојатните изјави за американско преземање или купување на островот стојат многу реални интереси: Арктикот, воената безбедност, природните ресурси, новите поморски патишта и натпреварот со Русија и Кина. Гренланд не стана американски, но притисокот даде резултат. САД, Данска и Гренланд постигнаа договор што значително го проширува американското воено присуство и долгорочниот пристап до островот, додека данскиот суверенитет останува непроменет.

Значи: максимално барање, силен притисок, а потоа договор кој го зголемува американското влијание.

Кога на ред дојде Венецуела, мислам дека многумина станаа свесни дека веќе не е во прашање само реторика. Американските сили го заробија Николас Мадуро и неговата сопруга во операција во која беа употребени специјални сили, разузнавачки капацитети и повеќе од 150 летала. Само неколку дена подоцна во центарот на вниманието се најде нафтата. Трамп објави дека Венецуела ќе префрли во САД меѓу 30 и 50 милиони барели нафта опфатена со санкции, а приходите од продажбата ќе бидат контролирани од американската страна со образложение дека треба да им користат и на Венецуела и на САД. Американските компании во меѓувреме повторно го зголемуваат интересот за венецуелскиот енергетски сектор.

Значи: воена сила, политичка промена, а потоа енергетско и економско позиционирање.

Со Канада методот е поинаков. Нема воена сила, но има царини, економски притисок и провокативна политичка реторика. Во септември американско-канадскиот трговски спор веќе вклучуваше царини од 50% врз милијарди долари стоки од двете страни.

Канада започна поинтензивно да бара алтернативи и поблиски врски со Европа. Премиерот Карни повикува на засилена соработка со Европската Унија, а неговата средба со Макрон на Сен Пјер и Микелон беше јасен сигнал дека американскиот притисок може да создава и спротивен ефект, поттикнувајќи ги традиционалните сојузници на Вашингтон да бараат поголема стратешка самостојност и нови сојузништва.

Со Иран, Трамп ја применува најтешката форма на притисок: воена сила, економско исцрпување и истовремено отворена врата за договор. И токму тука можеби најјасно се гледа методот: создај максимален притисок, направи го следниот потег непредвидлив, подигни ја цената за другата страна, а потоа понуди преговори.

Во оваа поширока слика не смеам да го изоставам Израел. Вашингтон продолжува силно да го поддржува својот сојузник додека војната во Газа останува предмет на сериозни меѓународни политички и правни спорови без конечна разрешница. Паралелно со тоа, администрацијата на Трамп подготвува санкции против самиот Меѓународен кривичен суд, вршејќи притисок врз институцијата поради налозите против израелски лидери и претходните постапки поврзани со американските сили.

Ајде да се обидеме да ги поврземе сите овие точки. Алјаска, директно договарање меѓу големите сили. Гренланд, геостратегија и Арктик, каде дури и територијата на сојузник може да стане предмет на притисок. Венецуела, сила, нафта и влијание, каде видовме до каде може да стигне употребата на сила кога зад неа стојат безбедносни, политички и енергетски интереси. Канада, економски притисок, кој покажа дека ниту најблиските традиционални сојузници не се поштедени кога се во прашање сопствените интереси и реализацијата на однапред зацртана стратегија или моментална политичка проценка. Иран, војна и преговори под притисок, но и доказ колку лесно максималниот притисок може да прерасне во отворена војна. Израел и Газа, силна поддршка за сојузникот и истовремено „судир“ со меѓународните институции.

Различни случаи. Различни средства. Но еден препознатлив принцип: американската моќ максимално да се употреби за остварување на конкретен политички, безбедносен или економски интерес.

Оттука, можеби веќе и не е најважно прашањето дали Трамп е непредвидлив како политичар. Можеби непредвидливоста е токму неговото најсилно политичко оружје. Кога ниту противникот ниту сојузникот не знаат дали утре ќе следуваат царини, санкции, ултиматум, преговори или воена сила, тогаш самата неизвесност станува инструмент на притисок. Никој не знае каде е границата, а токму тоа му дава дополнителна моќ на оној што ја поместува.

Но тука завршува приказната за Трамп и започнува многу посериозната приказна за светот. Тоа веќе не се изолирани епизоди. Тоа е образец. Светот кој со децении се обидуваше барем формално да ја ограничи силата со право, институции и правила, повторно почнува да личи на свет во кој најмоќните сами ги утврдуваат границите на дозволеното.

А кога големата сила ќе покаже дека правилата можат да се поместуваат кога не ѝ одговараат, прашањето не е само кој ќе биде следниот на удар. Прашањето е дали воопшто има некој што може да го запре тој процес и каде ќе биде поставена границата. Затоа, по Алјаска, Гренланд, Венецуела, Канада и Иран, можеби најопасното не е тоа што не знаеме што ќе направи Доналд Трамп утре. Најопасното е што светот сè повеќе се навикнува дека никој не знае. И затоа прашањето останува: Што е следно и колку далеку може да оди Трамп?

Но тука се отвора уште една дилема. Не е прашање само до каде е подготвен да оди Трамп, туку и зошто најмоќните светски лидери внимателно ги мерат своите реакции. Зад таа воздржаност често би морал да стои сопствен економски, енергетски, безбедносен, геополитички или кој било друг интерес. Истовремено, Обединетите нации сè повеќе се маргинализираат, а важните одлуки се носат преку директни договори и односи меѓу големите сили. Тоа веќе упатува на нешто пошироко, на слабеењето на целиот мултилатерален систем.

И затоа останува прашањето дали пред нас е само еден крајно неконвенционален американски претседател кој максимално и умешно ја користи моќта на функцијата, или гледаме силно персонализиран стил на владеење кој, во услови на слабеење на мултилатералниот систем, постојано ги тестира и поместува границите на институциите на сопствената држава, но и на досегашниот меѓународен поредок.

Поврзани содржини