GREEN MACHINES ГО ЗАЈАКНУВА ПРИСУСТВОТО НА АМЕРИКАНСКИОТ ПАЗАР Моделите GM720ze и GM500Zze беа претставени на саем во Хјустон

На PWX 2026, Green Machines настапи заедно со IDS Equipment, својот дилер за Тексас, кој е дел од продажната и сервисната мрежа преку која компанијата го развива своето присуство на американскиот пазар.

105

Green Machines, бренд на македонската компанија БРАКО, продолжува да го зајакнува своето присуство на американскиот пазар. Компанијата учествуваше на саемот PWX 2026 во Хјустон, САД, каде заедно со својот дилер за Тексас, IDS Equipment, ги претстави електричните метларки GM720ze и GM500ze.

Присуството во Хјустон беше можност Green Machines да ги претстави своите целосно електрични решенија за урбано чистење пред американската професионална јавност.






Интересот за електричните метларки на Green Machines во САД расте, а меѓу неодамнешните клиенти на компанијата се Disney Studios и Градот Сиетл. Машини на Green Machines веќе работат на повеќе локации низ Соединетите Американски Држави, што за компанијата претставува значајна потврда за конкурентноста на производите развиени и произведени во Македонија.

– Како сопственик, горд сум на она што Green Machines го постигнува на американскиот пазар. Особено сум горд што машини дизајнирани и произведени во Македонија денес работат низ Соединетите Американски Држави, кои се еден од најголемите и најконкурентните пазари во светот. Неодамнешните нарачки од клиенти како Disney Studios и Градот Сиетл се уште една потврда за довербата што ја градиме. Ова е резултат на работата на нашиот тим во САД и на партнерите кои ја препознаваат вредноста на нашиот бренд – изјави сопственикот на БРАКО и Green Machines, проф. д-р Кочо Анѓушев, во објава на социјалните мрежи, честитајќи им за постигнатите резултати на вработените во Green Machines US, компанијата-ќерка на македонската Green Machines, со седиште во Калифорнија.

На PWX 2026, Green Machines настапи заедно со IDS Equipment, својот дилер за Тексас, кој е дел од продажната и сервисната мрежа преку која компанијата го развива своето присуство на американскиот пазар.

PWX е еден од значајните настани за секторот на јавни и комунални услуги во Северна Америка, кој на едно место ги поврзува професионалците од областа на јавната инфраструктура, претставници на градови и локални власти, комунални претпријатија, инженери и компании кои нудат современи решенија за урбаните средини.

Поврзани содржини