СО МЕРКИ ЗА СЛЕДЕЊЕ Е ОТКРИЕНО КАКО „НИШАНОТ“ РИСТОВ СЕ СРЕЌАВАЛ СО ПОСРЕДНИЦИ НА КРИМИНАЛЦИ Сопругата на обвинетиот судија му договарала средби

Обвинителството објасни дека снимките покажуваат како сопругата на судијата Ристов, која е државен правобранител, му договарала средба со лица поврзани со двајца обвинети за тешки кривични дела во предметот „Ориент“, во периодот кога Ристов постапувал по предметот.

281

Разговори снимени со посебни истражни мерки беа презентирани вчера на судењето против апелацискиот судија Ѓоко Ристов во чија семејна куќа беа најдени 350.000 евра соѕидани во ѕид. Обвинителството објасни дека снимките покажуваат како била договарана средба меѓу судијата Ристов и лица поврзани со двајца обвинети за тешки кривични дела.

Обвинителката Искра Хаџивасилева посочи дека женскиот глас што се слуша во дел од разговорите е на Симона Ристова, сопруга на обвинетиот судија и државна правобранителка за подрачјето на Скопје. Според презентираните разговори, таа комуницирала со Един Шеапи, лице поврзано со предметот „Ориент“ и договарала тој да се сретне со нејзиниот сопруг. Дел од снимките се однесуваат и на комуникацијата на Али Арифи, татко на двајцата обвинети во предметот. Шеапи и Арифи биле следени поради сомнение за давање поткуп на судијата Ристов.






Во тој период Ристов бил судија во Апелацискиот суд Скопје и постапувал по предметот „Ориент“ кој претходно се водел во Кривичниот суд за делата злосторничко здружување, проституција, неовластено држење дрога и перење пари.

Во еден од прислушуваните разговори од 5 мај 2025 година, Шеапи разговара со друго машко лице кое го прашува дали во текот на неделата ќе се сретне со лицето кое во комуникацијата го нарекуваат „нишанот“. Шеапи потврдува дека средбата треба да се случи и кажува дека чека „нишанот“ да му соопшти кога.

„Оваа недела мора да се заврши, со Господ напред“, се слуша во разговорот презентиран пред судот.

Наредниот ден Шеапи стапил во контакт со Симона Ристова и побарал средба. Според презентираната комуникација, тој ѝ кажал дека претходно ѝ пишувал и на Инстаграм, на што таа му одговорила дека целиот ден била во гужва. Истата вечер Шеапи повторно ѝ испратил порака со која ја потсетил за договорот.

„Само да ве потсетам“, ѝ напишал тој.

Ристова му одговорила „да, за утревечер“, на што напишал: „благодарам, се слушаме“.

Комуникацијата продолжила и на 7 мај. Али Арифи, таткото на обвинетите во предметот, во разговор со друго машко лице кажал дека е „на чекање“, а Шеапи во друг разговор навел дека претходниот ден се слушнал со „посредничката“.

Околу 13 часот истиот ден Шеапи повторно ѝ испратил порака на Ристова со зборовите: „Здраво, да ве потсетам“. Потоа во една од пораките Ристова му ја посочила локацијата „кај хрватската амбасада“, а подоцна средбата дополнително била прецизирана со „кај кафичот“.

Овие комуникации се случиле непосредно пред средбата меѓу Шеапи и судијата Ристов на 7 мај 2025 година. За оваа средба претходно во постапката е презентирана и видеоснимка.

Обвинителството со презентираните материјали настојува да ја докаже комуникацијата и начинот на кој била организирана средбата на Ристов со лица поврзани со  „Ориент“.

Според информациите презентирани во постапката, засега против државната правобранителка Ристова нема посебна постапка во врска со овие разговори.

Судењето продолжува на 3 септември, кога треба да бидат изведени нови докази. Одбраната предложила и обвинетиот Ристов да биде сослушан.

 

МАЈКАТА НА СУДИЈАТА РИСТОВ УПЛАТИЛА 400.000 ЕВРА ЗА 4 СТАНА Соѕиданите 350.000 евра се други пари, инвеститорот не ги вратил парите за становите, иако изградбата доцнела

Поврзани содржини