📽️ ХЕРОИНА НА НЕБОТО ВО НЕПАЛ Жена изведе околу 100 спасувачки мисии со хеликоптер
Капетан Прија Адхикари секојдневно слетува во областите отсечени од катастрофалните поплави и свлечишта. Понекогаш 5 или 6 хеликоптери истовремено се спуштаат кон истото место во тесната долина. Таа вели дека е неверојатно колку луѓе преживеале и дека ја чува својата насмевка токму за нив.
Капетан Прија Адхикари, првата жена капетан на хеликоптер во Непал, изведе околу 100 спасувачки мисии за помалку од една недела. Таа со својот хеликоптер помогна во евакуација на стотина луѓе од областите погодени од поплавите и од свлечиштата.
Некои од преживеаните едвај ги отворале очите кога биле сместени во хеликоптерот.
– Јас им велам „преживеавте“ – раскажа Адхикари во разговорот со Андерсон Купер од Си-Ен-Ен.
Тимуре е меѓу областите најтешко погодени од катастрофата долж границата на Непал со Тибет. Патиштата се оштетени или целосно отсечени, а цели заедници останаа изолирани.
Хеликоптерите станаа една од ретките можности за евакуација. Секој мора да знае каде се движат другите летала. Истовремено мора да ја следи навигацијата и да бара безбедно место за слетување.
– Тоа е притисок, да се концентрираш на навигацијата додека колегите постојано ти зборуваат на радиото. Мора да гледаш кој каде оди. Слетуваат 5 до 6 хеликоптери – раскажа Адхикари.
Условите на земјата дополнително ја отежнуваат работата. Калта и водата го прават слетувањето ризично. Екипажот не може едноставно да го изгасне леталото и да замине од него. Адхикари вели дека моторот мора постојано да работи.
Слетува и на бетонски делови кадешто е понепристапно. Искуството не ѝ недостига. На 40 години, таа со години лета над тешкиот планински терен на Непал.
Сепак, размерите на оваа катастрофа ја изненадиле.
– Работата што се случи е посилна од земјотресот што го имавме во 2015 година. Насмевката што ја имам е за преживеаните. Не знам како преживеале. Насмевката е за нив – рече Адхикари.
Таа раскажа дека спасувачките екипи со денови извлекувале и мртви тела. Голем број луѓе исчезнале во долината.
Снимките од воздух од Непал кои со денови се споделуваат на социјалните мрежи и во медимуите ги покажуваат размерите на уништувањето.
Преживеаните чекаат да го слушнат звукот на хеликоптерските перки. За дел од нив тоа е првата можност да ја напуштат отсечената област.
Адхикари веќе испиша историја во непалското воздухопловство.