ПЕСКОВ ГО ПОВИКА ЗЕЛЕНСКИ ВО МОСКВА Русија останува отворена за преговори

Дмитриј Песков изјави дека Москва и понатаму очекува разговори со Володимир Зеленски и дека самитот Путин-Трамп-Зеленски би бил можен само по постигнување договор.

1

Москва и понатаму очекува можност за разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски, но Кремљ повтори дека евентуална средба на лидерите би имала смисла само доколку претходно се постигне договор, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Песков за весникот „Известија“ изјави дека рускиот претседател Владимир Путин и понатаму смета оти Зеленски може да дојде во Москва доколку сака да преговара.






– Претседателот Путин рече дека ако Зеленски сака преговори, може да дојде во Москва. Но, кога станува збор за самит, потребно е прво да се финализираат некои договори, а тие, секако, мора да бидат разработени преку многу тешки преговори – рече Песков.

На прашањето дали е променет ставот на Москва во однос на поканата до Зеленски да дојде во руската престолнина, портпаролот на Кремљ одговори дека „ништо не се променило“.

Песков истакна дека Русија ги поздравува напорите на секоја земја што може да придонесе за изнаоѓање решение за конфликтот во Украина, но оцени дека Киев сè уште не е подготвен да ги слуша посредниците.

Тој посочи дека Турција и понатаму изразува подготвеност да придонесе за завршување на мировниот процес.

Песков претходно изјави дека евентуален самит меѓу Путин, американскиот претседател Доналд Трамп и Зеленски би бил можен само со цел да се формализира претходно постигнат договор.

– Веќе извесно време се предлага самит Путин-Трамп-Зеленски и вие добро го знаете ставот на нашиот претседател. Таков состав е можен само за формализирање на договор. А договорот не е едноставна работа, туку многу сложен процес на решавање на конфликтот, кој се состои од огромен број детали – рече Песков.

Според него, Киев не покажува подготвеност да се посвети на прашањата поврзани со решавањето на конфликтот.

– Секако, средба на претседателите за разговор за сето ова би била целосно бесмислена. Тие можат да се сретнат само за да ги финализираат договорите. Но, украинската страна не сака да се зафати со вистинско решавање на конфликтот – рече портпаролот на Кремљ.

Песков додаде дека Москва останува отворена за продолжување на преговорите со Киев во Турција.

– Остануваме отворени за такви преговори. За жал, не можеме да потврдиме дека постојат предуслови за нивно одржување – рече Песков.

Поврзани содржини