АКО ЕУ НЕ СЕ ШИРИ, НЕКОЈ ДРУГ ЌЕ ГО СТОРИ ТОА Јанша повика Брисел да ги исполни ветувањата за Западен Балкан

Поранешниот словенечки премиер порача дека проширувањето кон Западен Балкан е стратешка одлука за иднината на Европа.

0

Поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша денеска изјави дека проширувањето на Европската Унија кон Западен Балкан е од стратешко значење за иднината на Европа и порача дека ЕУ мора да ги исполни ветувањата дадени на земјите кандидати.

– Проширувањето не е услуга за државите кандидати. Тоа е стратешка одлука за иднината и идниот облик на нашиот континент – рече Јанша на отворањето на 21. Бледски стратешки форум, пренесува Радио-телевизија Словенија.






Тој истакна дека целта за проширување на ЕУ кон Западен Балкан и источното соседство денес е уште позначајна од порано. Според него, покрај исполнувањето на условите од страна на кандидатите, важно е и Европската Унија да го одржи својот збор.

– Ако Европската Унија не се шири, некој друг ќе го стори тоа, на наша штета – предупреди Јанша.

Тој наведе дека идната улога на Европа во светот ќе зависи од тоа како ќе одговори на четирите стратешки предизвици – безбедноста, отпорноста, демографијата и кредибилитетот.

Говорејќи за безбедноста, Јанша оцени дека мирот не треба да се зема здраво за готово и дека е потребно да се заштити.

– Украина нè потсетува на она што е на коцка. Украинците ја бранат не само својата територија, туку и принципот дека границите не можат да се менуваат со сила и дека народите имаат право да ја избираат својата иднина – рече Јанша.

Тој додаде дека праведниот мир мора да ги зачува суверенитетот на Украина и нејзината европска иднина. Предупреди дека наградувањето на агресијата би претставувало опасен преседан и за други кризни подрачја во светот.

Јанша истакна дека посилна Европа не е алтернатива на трансатлантското партнерство, туку услов за неговата долгорочна одржливост.

Како втор голем предизвик тој го наведе намалувањето на стратешките зависности, особено во областите на енергетиката, критичните минерали, полупроводниците и стратешките синџири на снабдување.

Според него, европската енергетска зависност од Русија пред почетокот на војната во Украина покажа како економската ефикасност без отпорност може да создаде зависност која „некој може да ја претвори во политичка лост“.

Јанша оцени дека Европа мора да гради доверливи партнерства, да ги диверзифицира синџирите на снабдување и да ги зајакнува сопствените капацитети во областите од стратешко значење.

Говорејќи за демографијата, тој предупреди на ниската стапка на наталитет и стареењето на населението во Европската Унија.

– Демографијата не е само прашање на бројки. Таа покажува дали младите имаат доверба во иднината, дали можат да си дозволат дом, да изградат кариера, да создадат односи и да основаат семејство – рече Јанша.

Тој оцени дека илегалната миграција не може да биде замена за демографската политика и се заложи за безбедни граници и законска и селективна миграција приспособена на економските потреби.

Како четврти предизвик го издвои кредибилитетот, оценувајќи дека тој е особено важен извор на меѓународно влијание за малите држави.

– Своето влијание го зголемуваме со изградба на сојузништва, како доверливи партнери и со исполнување на дадените ветувања. Истото важи и за Европа – рече Јанша.

Тој додаде дека обврските на Европа мора да бидат кредибилни како за нејзините сојузници, така и за противниците и државите кои сакаат да ѝ се приклучат.

Јанша оцени дека европската иднина ќе зависи од способноста навремено да се одговори на безбедносните, економските и демографските предизвици.

На отворањето на форумот говореше и словенечкиот министер за надворешни работи Тоне Кајзер, кој истакна дека Европската Унија минува низ сериозен тест и дека европскиот проект треба да се приспособи на современите предизвици.

Кајзер наведе дека цврстата врска меѓу Европа и САД останува од клучно значење, но истовремено е потребно Европа да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана.

Тој исто така порача дека соработката со државите и културите со кои Европа не ги дели сите ставови не значи откажување од сопствените вредности.

– Вредностите не се пречка за заштита на нашите интереси. Тие се компас кој ни помага да процениме кои интереси сакаме да ги оствариме и на кој начин – рече Кајзер.

Бледскиот стратешки форум оваа година се одржува под насловот „Моќта на заедничкото обликување на иднината“. Меѓу главните теми се безбедноста на Европа, иднината на ЕУ, Западен Балкан, геополитичката ситуација и иднината на општеството.

На форумот учествуваат повеќе од 150 говорници од над 70 земји. Предвидени се бројни панел-дискусии за иднината на Европа, војната во Украина, Западен Балкан и геополитичките промени, како и разговори за односите меѓу Европската Унија и Латинска Америка.

Поврзани содржини