СЕРИСКИОТ УБИЕЦ ОД СТАРО НАГОРИЧАНЕ „ГЛУМИ ЛУДИЛО“ Психијатар го анализираше однесувањето на Бојковски, сведочеа и две жртви

Две преживеани жртви сведочеа за нападите во Челопек, а новиот адвокат на обвинетиот побара пред судот да бидат сослушани психијатрите и психолозите кои го изготвиле вештачењето.

0

Во Основниот суд Куманово продолжи судскиот процес против Трајко Бојковски, обвинет за четири убиства и два обиди за убиство на жени. На последното рочиште сведочеа две од преживеаните жртви, додека новиот бранител на обвинетиот побара пред судот да бидат сослушани психијатрите и психолозите кои го изготвиле вештачењето за неговата психичка состојба.

На рочиштето повторно беше отворено и прашањето за однесувањето на Бојковски во судницата, кое привлече големо внимание во јавноста.






На претходното рочиште обвинетиот се смеел и гледал кон плафонот, што предизвика бројни реакции и шпекулации за неговата психичка состојба.

За ова однесување свое стручно мислење даде невропсихијатарот Мице Дудучки. Тој посочи дека ваквото однесување во психијатријата може да се опише како псевдодементно, односно однесување кое остава впечаток на нарушување на меморијата или когнитивните способности.

Дудучки го поврза однесувањето и со таканаречениот Ганзеров синдром, состојба при која лицето може да дава необични или очигледно неточни одговори и да остава впечаток дека не се сеќава на одредени настани.

Според него, во конкретниот случај ваквото однесување може да биде поврзано и со обид да се создаде впечаток дека обвинетиот не се сеќава на случувањата.

Сепак, невропсихијатарот нагласи дека самото постоење на одредена психопатологија не значи автоматски дека едно лице е непресметливо. Прашањето за пресметливоста, односно дали обвинетиот можел да ја разбере природата и значењето на своите постапки и да управува со своето однесување, се утврдува со соодветни стручни проценки и во рамките на судската постапка.

На последното рочиште во судницата сведочеа и две од преживеаните жртви, кои со тешкотии се потсетуваа на нападите што ги преживеале.

Росанка Трајковска, родена во 1939 година, од селото Челопек, сведочеше дека обвинетиот околу еден час ја тепал и ја допирал по телото.

– Кога слушна звук, престана. Веројатно се исплашил дека некој доаѓа и избега. Нека каже зошто ме тепаше и зошто се обиде да ме силува – рече Трајковска пред судот.

Слободка Арсовска, родена во 1943 година, исто така од Челопек, раскажа дека обвинетиот го затекнала во ходникот од нејзината куќа откако станала да оди во тоалет.

– Тој стоеше во ходникот. Двапати го прашав како влегол тука и кој го пуштил, но цело време молчеше. Кога го прашав по третпат, ме нападна и почна да ме дави. Во тој момент викнав: „Јоване, Јоване!“, по мојот син. Тој помисли дека син ми е тука, ме пушти и избега. Кога ме пушти, немав воздух да дишам. Сум паднала во бессознание, а потоа се сеќавам дека во утринските часови лежев на подот и во куќата немаше никој – сведочеше Арсовска.

На ова рочиште Бојковски имаше нов бранител по службена должност, адвокатот Тони Цветковски, откако претходниот адвокат го откажал полномошното.

Според информациите изнесени во текот на постапката, претходниот бранител го советувал обвинетиот да признае вина, но Бојковски не го прифатил тоа.

Новиот бранител побара пред судот да бидат сослушани сите тројца вештаци – психијатри и психолози кои учествувале во изготвувањето на вештиот наод и мислење за обвинетиот.

Цветковски рече дека предлогот го поднесол имајќи го предвид психолошкиот профил на обвинетиот, но и заклучокот на вештаците дека постои висок ризик од повторување на кривични дела.

– Обвинетиот сигурно ќе биде осуден, ќе биде донесена одлука со која ќе биде огласен за виновен и, според материјалните докази кои се наоѓаат во списите на предметот, најверојатно ќе биде осуден на казна затвор. Меѓутоа, тоа не значи дека во иднина нема да се однесува така како што предвидуваат вештите лица. Ги предложив за да се произнесат пред судот на кој начин би можела да се елиминира таа опасност – изјави Цветковски.

Според него, треба да се разгледа и можноста за изрекување мерка за безбедност предвидена во Кривичниот законик, доколку за тоа постојат законски услови.

– Станува збор за мерка за безбедност која е предвидена во Кривичниот законик, а со која може да се елиминира опасноста на која укажуваат вештите лица во својот наод и мислење – рече адвокатот.

Одбраната побара и обвинетиот да биде сослушан за сите околности наведени во обвинителниот акт.

Обвинителот Владимир Лапе, пак, се спротивставил на предлогот на одбраната од процесни причини, посочувајќи дека во предметот нема друго, алтернативно психијатриско вештачење кое би упатувало на поинакви околности.

Сепак, обвинителството нема ништо против вештите лица да бидат сослушани пред судот, доколку судот оцени дека тоа е потребно.

Лапе нагласи дека веќе изготвеното вештачење, кое е изведено како доказ во постапката, е јасно во однос на пресметливоста на обвинетиот.

– Вештачењето е многу јасно и концизно дека се работи за пресметлив сторител – изјави Лапе.

Тој посочи дека одбраната се повикала на член 63 од Кривичниот законик, кој, според неговото образложение, се однесува на ситуации на битно намалена пресметливост или непресметливост, поради што обвинителството го истакнало својот процесен приговор.

– Вештачењето не остава простор за сомнеж дека се работи за целосно пресметливо лице – рече Лапе.

Во однос на сведочењата на преживеаните жртви, обвинителот оцени дека немало суштински отстапувања од нивните претходни искази дадени пред обвинителството. Според него, имало само мали разлики во одредени детали, што го оценил како разбирливо со оглед на возраста на жените, кои имаат повеќе од 80 години.

Судењето против Бојковски треба да продолжи во септември. На следните рочишта пред судот треба да бидат сослушани тројцата вештаци, кои ќе треба дополнително да го појаснат својот наод и мислење, а предвидено е исказ да даде и самиот обвинет.

Бојковски се товари за четири убиства и два обиди за убиство на жени. Според обвинителниот акт, кривичните дела биле извршени од побуди и ниски страсти.

Во текот на постапката конечната оценка за неговата кривична одговорност, пресметливоста и сите други околности поврзани со делата за кои е обвинет ќе ја донесе судот.

Поврзани содржини