ПОЗНАЧАЈНО ПОЕВТИНУВАЊЕ НА ДИЗЕЛОТ Литар ќе чини 95 денари
Новата максимална малопродажна цена на бензинот од 95 октани ќе изнесува 94 денари по литар, а бензинот од 98 октани ќе се продава за 96 денари по литар.
Дизелот од ноќеска на полноќ поевтинува за 6,5 денари за литар, а бензините поскапуваат за еден денар – одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,06 отсто.
Новата максимална малопродажна цена на бензинот од 95 октани ќе изнесува 94 денари по литар, а бензинот од 98 октани ќе се продава за 96 денари по литар. Цената на дизелот ќе изнесува 95 денари по литар.
Со одлуката на РКЕ, малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 3,5 денари за литар и ќе изнесува 97 денари, а малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 1,166 денар за килограм и ќе изнесува 44,410 денари.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на светскиот пазар во однос на претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 2,21%, а кај дизелот има намалување за 8,24%, кај екстра-лесното масло за 4,38% и кај мазутот за 2,79%.
Курсот на денарот во однос на доларот во пресметковниот период е понизок за 0,5477% во споредба со периодот кога беа формирани претходните цени.