СО ЕДЕН КЛИК ДО ЧЛЕНСТВО ВО ВМРО-ДПМНЕ Партијата воведува дигитално зачленување и повикува нови членови
Дигитализацијата е дополнителна можност, а не замена за досегашниот начин. Секој што сака лично да го ажурира своето членство или да се зачлени ќе може тоа да го направи во општинските комитети кои ќе бидат отворени од 1 септември до 30 ноември, секој ден од 17 до 20 часот, вели генерален секретар на ВМРО-ДПММЕ, Драган Ковачки.
Заедно за иднина, приклучи се – со оваа порака ВМРО-ДПМНЕ од 1 септември започнува голема кампања за ажурирање на постојното членство и за отворање на партијата за нови членови, најави пратеникот и генерален секретар на ВМРО-ДПММЕ, Драган Ковачки.
– Во следниве три месеци, до 30 ноември, сакаме да направиме уште еден голем чекор во развојот на ВМРО-ДПМНЕ, да изградиме посовремена, поорганизирана и уште посилна политичка организација, подготвена за иднината. ВМРО-ДПМНЕ има повеќедецениска историја, силна организација и огромно членство. Нашата сила се луѓето. Луѓето кои со децении се дел од ВМРО-ДПМНЕ. Луѓето кои верувале кога било тешко, кои работеле, се бореле и придонесувале. Но, и новите генерации кои денес имаат знаење, идеи, енергија и желба да бидат дел од создавањето на иднината на Македонија – рече Ковачки.
Затоа нашата порака е едноставна, додаде тој, обнови го членството, биди активен и биди дел од иднината.
– Од 1 септември до 30 ноември секој постоечки член ќе може да ги потврди или ажурира своите податоци. Истовремено, ги отвораме вратите на ВМРО-ДПМНЕ за секој граѓанин кој ја прифаќа нашата програма и сака да ни се приклучи. Без препорака. Без некој да мора да ве воведе. Ако имаш идеја – има место за тебе. Ако имаш знаење – има место за тебе. Ако имаш енергија и сакаш да придонесеш – има место за тебе. Твоето место е со нас. ВМРО-ДПМНЕ е отворено за нови знаења, нови вештини и нова енергија. Сакаме да го зачуваме тоа што сме го изградиле и сакаме да го надградиме – рече Ковачки.
И затоа правиме уште еден важен исчекор, додаде тој.
– За првпат во Македонија една политичка партија воведува целосно дигитален процес на зачленување и ажурирање на членството. Нашата партиска ИТ комисија изработи веб-апликација која веќе е ставена во функција во општинските комитети, а мобилната верзија е доставена до Google и до Apple и после нејзиното одобрување ќе биде достапна и на мобилните телефони, за што доплонително ќе ја известиме јавноста. Тоа значи пријавата, верификацијата, прифаќањето на Статутот и потврдата за членството ќе можат да се завршат дигитално, од телефон, за само неколку минути – рече тој.
Тоа е ВМРО-ДПМНЕ кое се менува со времето, кое ги користи новите технологии и кое гради модерна организација за новите генерации, додаде Ковачки.
– Но, никого не оставаме зад себе. Дигитализацијата е дополнителна можност, а не замена за досегашниот начин. Секој што сака лично да го ажурира своето членство или да се зачлени ќе може тоа да го направи во општинските комитети. Од 1 септември до 30 ноември, секој ден од 17 до 20 часот, нашите општински комитети ќе бидат отворени за членовите и за сите граѓани кои сакаат да ни се приклучат – информира Ковачки.
Личните податоци, како и досега, ќе се обработуваат согласно Законот за заштита на личните податоци, појасни Ковачки.
– Во ВМРО-ДПМНЕ ги поврзуваме искуството и традицијата со новата енергија. Ги обединуваме луѓето кои со децении се дел од ВМРО-ДПМНЕ со оние кои денес за првпат сакаат активно да придонесат. Затоа ги повикувам нашите членови: ажурирајте го своето членство. А до сите оние кои досега не биле дел од ВМРО-ДПМНЕ, а веруваат дека можат да придонесат за посилна и поуспешна Македонија, нашата порака е: Твоето место е со нас. Заедно сме посилни. Заедно одиме напред. Заедно за иднина – Приклучи се! За ВМРО-ДПМНЕ. За Македонија – повика генералниот секретар Драган Ковачки.