АВСТРАЛИЈКАТА KOJA ПРЕЖИВЕА Ѝ МАВНАЛА БОКС НА АЈКУЛАТА Раскажа детали од „двобојот со диносаурус“
Големата бела ајкула ја влечела под вода, а Стјуарт помислила дека ќе умре. Тогаш помислила на едногодишната ќерка и почнала да го удира животното.
Австралијката која преживеа напад од голема бела ајкула и остана без лева рака раскажа како се борела за живот. Лија Стјуарт откри дека ѝ мавнала бокс на ајкулата и дека борбата била „како со диносаурус“.
Стјуарт сега откри нови детали од нападот на плажата Куги во Сиднеј. Таа вели дека во еден момент се нашла лице в лице со четириметарската ајкула, на само триесетина сантиметри од неа.
Ајкулата ја каснала за бутот и за рацете, а потоа почнала да ја влече под вода.
Пред нападот, таа го завршувала своето редовно саботно утринско пливање. Тогаш слушнала пискав крик од девојка зад себе.
Се свртела и здогледала огромна перка.
– Ја погледнав нејзината големина и сфатив дека тоа не е делфин – изјави Стјуарт за емисијата „60 минути“ на „Најн нетворк“.
Ајкулата се приближувала сè повеќе. Во еден момент била на само околу 30 сантиметри од неа.
Стјуарт го опиша нејзиното лице како „ужасно“. Ги забележала малите црни очи и огромната уста со заби.
– Се гледавме лице в лице – рече таа.
Тогаш решила да возврати.
– Јас сум деснак, па помислив „ајде да направиме лева кука“ – раскажа Стјуарт.
Ударот завршил директно во устата на ајкулата. Таа ја зграпчила за левата подлактица и ѝ нанела катастрофални повреди.
Потоа ајкулата ја фатила и за ногата и почнала да ја влече под вода. Стјуарт помислила дека ќе умре.
Тогаш помислила на својата едногодишна ќерка Август.
– Во главата си мислев „Нема да ме одвоиш од мојата ќерка“. Се извиткував и едноставно почнав да ја удирам одново и одново. Беше како борба со диносаурус – раскажа таа.
Удирањето на огромната ајкула го спореди со удирање во ѕид од тули. Сепак, продолжила да се бори.
– Мора да сум ја удрила навистина добро и затоа ме пушти. Беше најтешката работа на светот, но се борев да се извлечам од таму – рече Стјуарт.
Други пливачи ја извлекле на брегот. Поради огромната загуба на крв итно ја пренеле во болница.
Лекарите ја ставиле во индуцирана кома и извршиле речиси десетина операции. Повредите на левата рака биле толку тешки што морале да ја ампутираат.
Стјуарт денес не сака нападот да биде единственото нешто по кое луѓето ќе ја паметат.
– Јас сум жената што ја удри ајкулата во лице – рече таа.
Стјуарт беше нападната на 13 јуни за време на утринско пливање на плажата Куги. Помина повеќе од две недели во критична состојба.
По излегувањето од болница таа соопшти дека закрепнувањето напредува и дека станува понезависна. За нејзиното лекување и закрепнување беа собрани повеќе од 558.925 долари преку страницата „ГоуФандМи“.
Таа е наставничка и мајка на едногодишно девојче.