АВСТРАЛИЈКА ПРЕЖИВЕА НАПАД ОД АЈКУЛА, ЈА ИЗГУБИ РАКАТА Беше вистинско чудовиште, но морав да се изборам, поради ќерката

Тој ја држеше мојата нога и сè за што можев да размислувам беше мојата ќерка Август, не можев да прифатам дека ќе расте без мајка, вели Австралијката Лија Стјуарт, која преживеа напад од ајкула во Сиднеј во јуни.

163

 

Австралијката Лија Стјуарт, која преживеа напад од ајкула во Сиднеј во јуни и ја изгуби раката, за прв пат јавно проговори за инцидентот. Наставничката и мајка на едногодишно девојче го опиша моментот кога се соочила лице в лице со животното што го нарече „чудовиште“.






34-годишната Стјуарт беше нападната на 13 јуни за време на утринско пливање на плажата Куги во источниот дел на Сиднеј. Таа беше во критична состојба повеќе од две недели поради тешки повреди, а лекарите мораа да ѝ ја ампутираат раката.

Во видеоклип од нејзиното прво интервју откако ја напушти болницата, таа вели дека нејзината прва мисла во времето на нападот била нејзината ќерка.

– Тој ја држеше мојата нога и сè за што можев да размислувам беше Август. Помислив: „Таа нема да има мајка. Ќе порасне без мајка. Не можев да го прифатам тоа. Не сакав да биде без мајка. Сè на што мислев беше како да се изборам. Ќе направев сè што можам за да бидам овде – рече Стјуарт.

Таа додаде дека „лицето на ајкулата беше ужасно“ и дека никогаш нема да го заборави.

– Беше вистинско чудовиште.

Стјуарт се обрати до јавноста во неделата преку страница за собирање средства, поставена за да помогне со трошоците за нејзиното лекување. Таа објави дека е фокусирана на нејзиното закрепнување и им се заблагодари на сите за нивната поддршка.

„По неверојатно тешки неколку месеци, среќна сум што постигнав доволен напредок за да станам понезависна. Конечно можам да видам дека работите се движат на подобро. Активно работам за да се вратам во што е можно понормален живот. Пред мене е долг пат, но моето закрепнување беше извонредно. Можам во голема мера да се заблагодарам на неверојатната љубов, поддршка, молитви и охрабрување што јас и моето семејство ги добивме од целиот свет“, напиша таа.

Повеќе од 558.925 долари се собрани за неа на нејзината страница GoFundMe од јуни, а страницата за собирање средства сега е затворена.

„Искрено ви благодарам за вашата грижа за мене и моето семејство и за вашата дарежливост во овој период. Вашата помош ни овозможи да се фокусираме на нашето закрепнување, да останеме во нашиот дом и да обезбедиме ресурси за понатамошно лекување“, додаде таа.

Стјуарт ја заврши својата порака велејќи дека чувствува дека ѝ е дадена втора шанса во животот.

„Нема да ја потрошам. Додека се опоравувам, ќе се стремам да ја искористам оваа можност и да ви ја вратам услугата со уште поголема великодушност, грижа и љубов“.

Поврзани содржини