📽️ НОВА ЕСКАЛАЦИЈА, САД ГО НАПАДНАА ИРАН По месец мир, страните си разменија оган

Американската војска нападна два ирански ракетни лансери во Ормутскиот Теснец. Иран возврати со ракети и дронови, а Јордан соопшти дека пресретна осум ракети.

136

САД и Иран повторно директно разменија напади во ескалација која доаѓа по еден месец мир. Американската војска нападна два ирански ракетни лансери, а Техеран возврати по американски бази во Јордан.

Ова е прв американски напад врз Иран од 29 јули.






Американската војска прва нападна два ирански ракетни лансери на островот Ларак. Островот се наоѓа во стратешки важниот Ормутски Теснец.

Според Централната команда на САД, ЦЕНТКОМ, припадници на Иранската револуционерна гарда подготвувале операција со поморски мини. Американците тврдат дека ракетите требало да исфрлат мини во теснецот.

 

ЦЕНТКОМ ја опиша операцијата како „ограничена и прецизна акција“. Според американската страна, иранските сили претставувале непосредна закана за пловидбата.

„Иран ја создаде заканата, а американската војска ја елиминираше за да ги заштити цивилните морнари, трговските бродови и слободниот тек на глобалната трговија“, соопшти ЦЕНТКОМ.

Жители од областа пријавија силна експлозија кај Ларак. Малиот остров се наоѓа покрај брегот на Бандар Абас, во јужен Иран.

Иранските државни медиуми објавија дека има загинати и повредени во нападот. Меѓу нив, според овие извештаи, има припадници на иранските сили и цивили. Официјален број на жртви засега нема.

Иранската револуционерна гарда американскиот напад го нарече „стратешка и смртоносна грешка“. Истовремено најави одмазда.

 

Одговорот стигна со ракети и беспилотни летала.

Иран соопшти дека ги нападна американските бази „Крал Хусеин“ и „Ал Азрак“ во Јордан. Јорданската воздушна одбрана пресретна осум ракети што влегоа во воздушниот простор на земјата.

Според јорданската војска, ракетите ги уништија пред да ги загрозат цивилите и имотот. Нема информации за загинати или повредени.

Новата ескалација дојде само неколку дена по предупредувањето на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој порача дека Вашингтон нема да толерира ново минирање на Ормутскиот Теснец.

– Иран е информиран дека секој брод или чамец што поставува нови мини ќе биде веднаш и систематски уништен – рече Трамп.

Последниот американски напад врз Иран беше на 29 јули. Вашингтон тогаш објави „силен бран напади“ врз десетици позиции на Револуционерната гарда.

Следуваше период во кој американската администрација повеќе се концентрираше на економски притисок. Вашингтон воведе нови санкции против компании, банки и земји што продолжуваат да соработуваат со Техеран.

Преговорите меѓу САД и Иран во моментов се во застој. Иран и Оман продолжуваат разговори за можно обновување на поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец.

Новата размена на удари веднаш се почувствува и на пазарите. Брентот поскапе 2,8 проценти, на 90,57 долари за барел. Американската сурова нафта порасна 2,7 проценти, на 85,64 долари.

Поврзани содржини