ФРАНЦИЈА ЈА САКА МАРИН ЛЕ ПЕН ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛКА Во првиот круг би добила 35,5 отсто од гласовите

Главната политичка линија на Ле Пен е значително ограничување на имиграцијата, построги правила за азил, борба против криминалот, како и воведување „национален приоритет“, што значи Французите да имаат предност во одредени јавни услуги и социјални права.

0

Ново истражување на јавното мислење во Франција покажува дека кандидатката на крајната десница, Марин Ле Пен, би победила на претседателските избори доколку тие се одржат сега, објави Фигаро.

Според истражувањето нарачано од медиумите Бе-Еф-Ем ТВ и Ла Трибин Диманш, а спроведено од агенцијата Елаб, во првиот круг од претседателските избори Ле Пен би добила меѓу 34 и 35,5 отсто од гласовите. Поранешниот француски премиер и кандидат на центристите Едуар Филип би добил 17 отсто, додека лидерот на радикалната левица „Непокорна Франција“, Жан-Лик Меланшон, би освоил 14 отсто.






На четвртото место е социјалдемократот Рафаел Глуксман, кој официјално ја објави својата кандидатура минатата недела. Испитувањето на јавното мислење покажува дека тој би добил 11,5 отсто од гласовите.

Во вториот круг, според анкетата, Ле Пен би победила без оглед на тоа кој би бил нејзин противник. Таа би освоила 52,5 отсто од гласовите против Едуар Филип, 57 отсто против Габриел Атал и 69,5 отсто против Жан-Лик Меланшон.

Марин Ле Пен е лидерка на француската крајна десница и кандидатка на Националниот собир (Rassemblement National). Нејзината главна политичка линија е значително ограничување на имиграцијата, построги правила за азил, борба против криминалот. Таа бара воведување „национален приоритет“, што значи Французите да имаат предност во одредени јавни услуги и социјални права. Таа сака и промени во правото на државјанство и најавува можен референдум за дел од овие мерки.

Во економијата се претставува како заштитник на куповната моќ и на „обичните Французи“, а во последно време се обидува да ги придобие и бизнис-круговите со тоа што ветува намалување на јавната потрошувачка и построга буџетска дисциплина. Иако порано имаше многу поостар евроскептичен став, денес не се залага за излез на Франција од ЕУ или од еврозоната, туку за повеќе француски суверенитет и помало влијание на Брисел. Комбинацијата од антиимиграциска политика, национализам и незадоволството од традиционалните партии ја прави многу популарна, особено во услови на голема политичка поделеност во Франција.

Поврзани содржини