НАЦИОНАЛЕН ДАТА-ЦЕНТАР Е ОБВРСКА ОД РЕФОРМСКАТА АГЕНДА Државата мора да ги заштити податоците на сите институции
Ова е тоа за што СДСМ се противи, а само да потсетиме во време на нивната влада имаше напад на системот на ФЗО и граѓаните не можеа да ги остварат своите права – рече пратеникот Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ и Венко Филипче секојдневно критикуваат кога е во прашање развој на индустријата поврзана со дата центри. Индустрија која е иднина, индустрија која се развива во светот, но Филипче од само нему познати причини се противи, рече Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
– Во оваа прилика да му објасниме и на Филипче и на неговиот другар Зоран Заев кој се уште очигледно му дава насоки за работа. Македонија веќе има дата цента во Прилеп. Но, тој не е основен, туку секундарен што значи во случај на евентуален сајбер-напад на системот на поединечна институција, податоците се чуваат кај секундарниот. Сега секоја институција наоѓа начин како ќе ги чува своите податоци. Затоа на Македонија и треба основен, примарен, национален дата систем за чување на сите податоци од сите институции.
Македонија како држава има проект во делот на реформската агенда со ЕУ за изградба на национален дата-центар. Притоа ЕУ обезбедува финансии и финансиска помош, а Македонија има обврска да изгради основен, примарен национален дата центар – рече Лефков.
Пратеникот рече дека тоа е начин да се заштитат податоците на државните институции од евентуални сајбер-напади, односно податоците да бидат сигурни.
– Ова е тоа за што СДСМ се противи, а само да потсетиме во време на нивната влада имаше напад на системот на ФЗО и граѓаните не можеа да ги остварат своите права, не можеше да се исплаќа породилно, да се прави поврат на средства за лекови и слично. Оттука евидентно е дека СДСМ се противи на развој на индустрија која значи заштита на лични податоци на секој поединец, заштита на државни податоци – истакна пратеникот Миле Лефков.