🎥 СИЛНО НЕВРЕМЕ ЈА ПОГОДИ СЕВЕРОИСТОЧНА И ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА Најмногу дожд во Крива Паланка, најкритично во Облешево
Блокирани беа и неколку патни правци околу Кочани. Стопиран беше и сообраќајот на излезот од градот кон Виница, поради срушени стебло од дрво.
Силно невреме во саботата вечерта зафати повеќе градови и населени места во североисточниот и источниот дел на Македонија. Пороен дожд, силен ветер и грмежи имаше во Куманово, Крива Паланка, Делчево, Виница, Кочани и околните населени места, а од терен пристигнуваат информации за материјални штети и проблеми во сообраќајот.
На фотографиите по невремето може да се забележат расфрлани делови од покривни конструкции и друг материјал по улиците, како и паднати гранки и дрвја. На одредени места сообраќајот бил отежнат или прекинат.
Сериозна е состојбата и во Облешево, каде што по невремето има прекин во снабдувањето со електрична енергија, а регистрирани се и проблеми во сообраќајот. Невремето со пороен дожд и силен ветер предизвикало повеќе проблеми и штети.
Невреме проследено со силен ветер и дожд синоќа нешто по 20 часот го зафати Кочани и регионот. На повеќе локации во градот предизвикани се проблеми во сообраќајот и во нормалното движење на луѓето.
Делови од градот беа без електрична енергија. Сообраќајот на магистралниот пат Кочани–Штип беше во прекин поради наноси и паднати дрвја на коловозот.
Блокирани беа и неколку патни правци околу Кочани. Стопиран беше и сообраќајот на излезот од градот кон Виница, поради срушени стебло од дрво и гранки непосредно после СОУ ” Гошо Викентиев”.
Екипи на ТППЕ веднаш изчегоа на терен и до доцна во ноќта го расчистуваа теренот за да ја вратат проодноста и функционалнсота на градот.
Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи најмногу врнежи во изминатите 24 часа се измерени во Крива Паланка – 30 литри на метар квадратен. Поради невремето концертот закажан за синоќа на Градскиот стадион во Крива Паланка се одложи за денеска, недела. Требаше да настапат Слаткаристика, Лепа Брена и Ацо Пејовиќ, но невремето значително ја оштетил сценската и техничката опрема.
Според интензитетот на врнежите, следуваат Струмица со 18 l/m², Виница со 13, Берово со 8, Тополчани со 6, Битола со 3, додека во Радовиш, Пожар и Крушево се измерен по 1 литар на метар квадратен.
Од УХМР напоменуваат дека поради локалниот карактер на временските процеси, количината на врнежи може значително да варира, па на одделни места може да паднал и многу поголем воден талог.
За денеска се очекува сончево и топло време со мала до умерена локална облачност, но наместа ќе има услови за пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Максималната температура ќе се движи од 29 до 36 степени.
Во Скопје ќе биде сончево и топло, со максимална температура до 36 степени.