ТЕЖОК ПОЖАР МУ СЕ ЗАКАНУВА НА ПЕЛИСТЕР Ангелов е уверен дека е подметнат, почнал истовремено на неколку локации

Доколку овој пожар продолжи да се шири низ шумата, има опасност да ги зафати боровите насади на Пелистер, а потоа ќе имаме тежок проблем со неговото гаснење, вели директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.

104

Тежок пожар во сабота попладне изби во атарот на село Макази, Општина Ресен, истовремено на најмалку две локации, а поради опасноста од негово ширење кон Националниот парк Пелистер ангажирани се авионите „ер-трактори“ и дополнителни тимови на Дирекцијата за заштита и спасување, информира директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.

Ангелов рече дека пожарот почнал покрај неколку овоштарници со јаболка.






– Пожарот почна покрај неколку овоштарници со јаболка, на најмалку две локации истовремено. Додека пожарникарите се обидувале да го стават под контрола, се појавил оган подалеку оттаму, и тоа подолга огнена линија, што укажува на тоа дека овој пожар е намерно подметнат – вели Ангелов.

Пожарникарите се обидуваат да спречат огнот да го премине асфалтираниот пат и да ги заштитат околните овоштарници.

– Истовремено, поради тежината на пожарот и можноста истиот да навлезе во територијата на Националниот парк Пелистер, наредив да полетаат „ер тракторите“ на Дирекцијата, коишто веќе започнаа со дејство. На терен се и два огнени тима со пинцгауери на ДЗС, кои им помагаат на пожарникарите од Ресен, додека се бара можност за пресекување на пожарот од горната страна, во насока на националниот парк. Истовремено бараме пат каде што ќе го пресечеме од горната страна, во насока на Пелистер – рече Ангелов.

На местото е и директорот на Националниот парк Пелистер, кој ангажирал механизација за изработка на противпожарни пресеки меѓу огнената линија и паркот.

– Доколку овој пожар продолжи да се шири низ шумата, има опасност да ги зафати боровите насади, а потоа ќе имаме тежок проблем со неговото гаснење – рече Ангелов.

Информираше и дека во текот на денот се регистрирани повеќе од 30 пожари на отворен простор, при што дождот што паднал на некои места не придонел значително за намалување на опасноста.

– Денес во текот на денот имаме повеќе од 30 пожари на отворен простор. Тоа што на некои места падна дожд воопшто не ја олесни нашата работа. Затоа апелирам до граѓаните да бидат исклучително внимателни, бидејќи работиме пожртвувано, даваме сè од себе, но нашите сили се исцрпени. Секојдневното гаснење на десетици пожари во секоја општина ги исцрпува локалните пожарникари, но ги исцрпува и државните ресурси – рече Ангелов.

Поврзани содржини