🎥 СОФИ КАНИНГЕМ ГИ СПУШТИ ТРЕНЕРКИТЕ ПРЕД КАМЕРА Белите шорцеви повторно ја вжештија трансродовата дебата во WNBA
Канингем летово јавно се спротивстави на учеството на трансродови жени во женскиот спорт, нагласувајќи дека сака да ги заштити „биолошките девојчиња“ во спортот и во соблекувалните.
Кошаркарката на Индијана фивер, Софи Канингем, повторно го привлече вниманието со потег надвор од теренот. Пред натпреварот со Чикаго скај, таа помина покрај камерата, се сврте и накратко ги спушти тренерките, покажувајќи ги белите спортски шорцеви што ги носеше под нив. Потоа со насмевка се сврте кон човекот што снимаше.
Видеото веднаш се прошири на социјалните мрежи. Дел од корисниците го прифатија потегот како безопасна шега, додека други прашаа какви би биле реакциите доколку истото го направеше некоја друга кошаркарка. Индијана го доби натпреварот со 113:90, а Канингем за 11 минути постигна три поени и имаше два скока и една асистенција.
When Sophie Cunningham was caught off guard by a fan pic.twitter.com/Ipeg2auy0H
— Daily StarVibe (@DAILY_STARVIBE) August 28, 2026
Но, вниманието што ја следи 30-годишната кошаркарка веќе одамна не е поврзано само со нејзините настапи и провокативните појавувања пред натпреварите. Канингем летово јавно се спротивстави на учеството на трансродови жени во женскиот спорт, нагласувајќи дека сака да ги заштити „биолошките девојчиња“ во спортот и во соблекувалните.

Нејзините изјави предизвикаа протести на поддржувачите и на противниците на нејзиниот став, реакции од други кошаркарки и вмешување на американската политика. WNBA соопшти дека никогаш немала кошаркарка на која при раѓањето ѝ бил припишан машки пол и ги обвини поединците што ја користат темата за создавање поделби.
Тензиите дополнително ги зголемија поранешните НБА-играчи Енес Кантер Фридом и Ројс Вајт, кои најавија дека сакаат да се пријават на драфтот на WNBA како жени. Лигата оцени дека не ги исполнуваат условите, а нивните настапи беа критикувани како политички провокации. Вајт потоа се појави на натпревар на Индијана со руса перика и се претставуваше како „кралицата Ројша“.
Во екот на контроверзиите, Индијана ја истакна Канингем како кандидатка за наградата „Најдобар шести играч на годината“. Таа сезонава постигнува просечно 8,4 поени, шутира рекордни во кариерата 47,6 отсто од игра и 44,1 отсто за три поени, со што е меѓу најпрецизните шутерки во лигата.