ВЛАДАТА НЕ СЕ ОТКАЖУВА ОД ПРОЕКТИ КОИ ЗНАЧАТ ИДНИНА НА МАКЕДОНИЈА Мицкоски најави национален дата-центар и „клауд“ со поддршка од Европската Унија
Струјата за дата-центрите ќе ја плаќа тој што ќе ја троши, по цена договорена на слободниот пазар, вели Мицкоски порачува дека Владата не се откажува од развојот на оваа индустрија која е иднината на земјата. Премиерот најави национален дата-центар(клауд) кој би се градел со грант од Европската Унија и секундарен дата-центар во Прилепско.
Премиерот вели дека Македонија ќе продолжи да ја развива индустријата на дата-центри, и покрај спорот околу проектот во Пехчево. Христијан Мицкоски најави национален дата-центар со европска поддршкa и национален „клауд“.
Toj потсетува дека државата веќе има резервен секундарен дата-центар во Прилепско, додека со Европската Унија Владата има проект во Реформската агенда за национален центар. Секундарниот центар е за заштита на податоците ако има сајбер-напад врз системот, додека „клаудот“ е трета, терцијарна заштита на податоците за сите институции заедно. Предноста, вели Мицкоски, е заеднички одговор, заедничка заштита за сите државни институции.
Во врска со случувањата во Пехчево, Мицкоски вели дека Македнија има антимакедонската опозиција која е против развојот.
– Тие се против рудникот со антимон, против автопатите, хидроцентралите, тие се и против Maкедонија. Имаме опозиција која е против Македонија. Јас не знам за што се. Дата-центрите се иднината на човештвото. Тоа е и наша национална стратегија. Минатата година Франција имаше 68 милијарди евра домашна инвестција во дата-центрите. Бруто домашниот производ на САД расте врз основа на вештачката интелигенција. Доколку ги немале тие инвестиции овие земји ќе беа во рецесија – изјави премиерот кој денеска е во посета на манастирот Успение на Пресвета Богородица во општина Берово по повод големиот христијански празник.
Струјата за дата-центрите ќе ја плаќа тој што ќе ја троши, по цена договорена на слободниот пазар, вели Мицкоски порачува дека Владата не се откажува од развојот на оваа индустрија која е иднината на земјата.
– Струјата ќе ја плати оној кој што ќе ја троши, по цена која ќе ја договори на слободниот пазар – изјави премиерот.
Тој вели дека Македонија има избор дали ќе влезе во, како што вели, политичкото мочуриште на опозицијата, или ќе оди по патот на развојот.
– Замислете шеикот Мухамед во Дубаи да не почнел да ја експлоатира нафтата, дали тие места ќе се развиеле за какви што ги знаеме денес.
Во врска со проектот за дата-центар во Пехчево, според премиерот, станува збор за приватна иницијатива за која локалната самоуправа веќе го кажала својот став.
– Ние, како држава, апсолутно остануваме на нашата цел за развој на таков тип индустрија, бидејќи тоа е иднината и тој процес е неповратен – рече Мицкоски.
Тој порача дека дата-центрите треба да се градат согласно законите и на локации каде што постојат услови.
Премиерот ги отфрли критиките на опозицијата за можните последици од дата-центрите. Според него, дел од јавната дебата се води со недоволно познавање на материјата и со политизирање.
Тој се осврна и на забелешките за системите за ладење. Оцени дека дел од критиките се темелат на технологии и модели стари 10, 15 или 20 години.
Според Мицкоски, денес постојат различни начини на ладење. Технологијата зависи и од намената на дата-центарот.
– Апсолутно стојам зад изградбата на оваа индустрија и ќе ја поддржам целосно – рече тој.