ЗАБРАНЕТА ИСТОРИЈА (3) Како Македонците станаа луѓе без корен, чии предци го препливале Дунав со трски во устите
За словенскиот јазик да остави толку длабок, траен и неодминлив отпечаток на самиот југ од Балканот, словенскиот елемент не можел да биде незначителен транзитен дојденец. Тој морал да биде или густо локално мнозинство, или огромен, автохтоно-континентален слој, кој со векови живеел, творел, тргувал или воопшто – се мешал и влијаел врз тој простор. Словенскиот свет на Балканот не е производ на еднократна, тривековна демографска експлозија од далечниот исток. Тој е резултат на вековна органска, културна консолидација и ширење на еден заеднички јазик – lingua franca – кој изникнал на истиот овој простор каде што и денес ги изговараме истите имиња на реките, планините и на селата.
Ако сите аргументи што ги изложив во претходните два дела – од геометриските парадокси кај Јорданес, сведоштвата на Прокопиј, Маврикиј и Нестор, па сè до логистичката неодржливост, топонимијата и современите палеогенетски истражувања – јасно покажуваат дека задкарпатската теорија за потеклото на Словените е неодржлива, се поставува клучното и најлогично прашање: како е воопшто можно толку нелогична и поедноставена теорија да опстои како официјална научна догма повеќе од еден век?
Одговорот стои во една реченица на Наполеон: „Историјата е верзија на минатите настани околу која луѓето се согласиле“. Односно, зад сето ова стои политиката. Историјата пишувана и усогласувана во XIX век не може да се одвои од национализмот, империјализмот и од борбата за територии. Како во „Верувале или не“, речиси за секој националистички наратив – од Германија до Русија преку Балканот – приказната за „Словените од зад Карпатите“ беше „музика за ушите“ за многу тогашни и денес современи држави. Прашањето „кој е староседелец овде“ станува моќно политичко оружје за прекројување граници.
Германскиот Drang nach Osten
Да почнеме со Германија. Германскиот Drang nach Osten – стремежот кон исток – не бил само апстрактна географска идеја. Во услови кога германската империја речиси и да немала колонии во светот, споредено со другите европски кралства, германската експанзија кон средна и кон источна Европа е „природен процес“, но бара и културна и историска легитимација. И тука се појавува проблем: ако се прифати дека словенските народи имаат длабок староседелски корен во Панонија, Алпите и во Подунавјето, тогаш германската експанзија во средна Европа се соочува со непријатна историска слика: не станува збор за ширење во празен простор, туку во простор кој веќе има словенско население и словенска историја. За Германската академија во служба на политиката многу поудобно е да се каже: Словените се дојденци, на териториите каде некогаш биле Германите. Дошле од далечниот исток. Дошле подоцна – немаат длабок корен во средна Европа, па логично е дека ова е германски простор за природна експанзија.
Сепак, ако еден голем народ побара нови историски „вистини“, а друг не се согласи, последиците се обично катастрофални. За среќа на империите, а несреќа на науката, приказната за „прататковина во Киевска Русија“ одлично ѝлегнува на царска Русија.
Рускиот панславизам – истата приказна, од друга страна
Би очекувале руската империјална политика да ја поддржи секоја теза за длабок словенски корен во Европа. Да постави врска меѓу рускиот панславизам и Балканот. Меѓутоа, за царска Русија, панславизмот бил политички инструмент кој на Русија требало да ѝ обезбеди место на врвот на словенскиот свет. Русија морала да биде мајката на сите Словени, а никако крајна периферија. Зашто, ако центарот на најстарата словенска цивилизација, писменост и култура се бара во Панонија и на Балканот, тогаш Киев и Москва стануваат секундарни и оддалечени центри во приказната. Тоа не било идеално за империјалната идеологија. Затоа било многу покорисно да се создаде приказна во која сите Словени потекнуваат од еден источен простор и потоа се движат кон југ и запад. Обратно од руските историски архиви и од тезите на монахот Нестор. Но, во таква приказна Русија природно се поставува како нивен најголем брат. Заштитник. Центар на словенскиот свет.
Повторно,истиот модел: потеклото се преместува на исток. Од една страна, тоа може да му служи на германскиот интерес – Словените се дојденци во Средна Европа. Од друга страна, може да служи и за рускиот интерес – сите Словени имаат источен корен, а Русија е нивниот природен заштитник. И токму затоа политиката е важна. Не за да докаже дека една теорија е лажна, туку за да нè натера да прашаме зошто одредени историски модели стануваат доминантни и кому му одговараат.
Филхеленизам и затворањето на балканската рамка
Кога во почетокот на XIX век европските големи сили бараат начин да го истиснат Османлиското Царство од Европа, решението го наоѓаат во креирање на нов политички проект на југот. Во денешни термини – прокси војни кои ја подриваат отоманската империја – од југ! На романтичарска Европа ѝ беше потребен проект врз основа на античките идеали – проектот наречен „модерна Грција“.
И тука, како коцки во сложувалка, идеално се вклопува задкарпатската теорија.
За да се оправда експанзијата на новата грчка држава кон отоманското царство на север, целиот историски простор мора да се очисти од словенскиот фактор пред VI век. Филип Македонски, кого античките Атињани го нарекуваа варварин, преку ноќ станува „обединител на сите Хелени“. Александар III Македонски – и покрај јасните антички сведоштва за посебниот македонски јазик – станува „Хелен по крв и род“. Почува строгото игнорирање на историските извори кои посочуваат дека Хелен (Елин) не е род, туку култура. Територијата на Македонија станува „ексклузивно Грчка“.
И, токму тука, замислената конструкција се соочува со својот најголем лингвистички и демографски парадокс: ако Словените биле само мала мигрантска група од 2-3% која во VI век допатувала дури до најоддалечените агли на медитеранскиот југ, како е можно тие да го преименуваат целиот пелопонески пејсаж?
Како можело германскиот лингвист Макс Фасмер во „Die Slaven in Griechenland“ да документира над 2.000 словенски топоними низ цела Грција – од Епир до Крит? Како грчкиот истражувач Димитри Петалас пронаоѓа околу 180 зборови со старословенско потекло, и дополнително уште околу 1500 зборови кои имаат значење во старословенскиот јазик, но немаат сигурно дефинирано потекло? Пелопонез е најоддалечената точка во Грција. Илјада и кусур зборови кои имаат јасно дефинирано значење кај Словените. Во традиционалниот говор! Ако се има предвид дека еден човек во секојдневната комуникација користи просечно околу 700 до 800 зборови, тоа значи дека словенскиот лексички нанос на Пелопонез бил барем двапати поголем од целиот секојдневен фонт на еден човек. Од извонредно мал процент на „дојденци“ од шестиот век?
Според сите закони на социјалната лингвистика, мала група доселеници брзо го прифаќа јазикот и топонимите на староседелското мнозинство. Особено топонимите. Јазикот мутира и се менува, но за Бога мил, се соочуваме со тврдење дека „дошле Словени и си дале ново име на реки и ридови на југот на Грција“. За словенскиот јазик да остави толку длабок, траен и неодминлив отпечаток на самиот југ од Балканот, словенскиот елемент не можел да биде незначителен транзитен дојденец. Тој морал да биде или густо локално мнозинство, или огромен, автохтоно-континентален слој кој со векови живеел, творел, тргувал или воопшто – се мешал и влијаел врз тој простор.
Балканските национализми и поделбата на Македонија
Автохтоното население на Македонија, директниот демографски наследник на античкиот граничен народ меѓу Словенскиот – континентален Балкан и медитеранскиот југ на вистинските Грци, преку ноќ стана „дојденец во сопствената кожа“. Македонецот станува чист Словен, на кој слободно може да му кажете „врати се зад Карпатите“!
Македонскиот човек на ваквиот затегнат простор, по повлекувањето на Османлиите, морал да се соочи со апетитите на новите соседни држави, каде што секој си го пронајде сопствениот интерес во задкарпатскиот мит:
Албанскиот национализам го искористи просторот – ако сите Словени се доселеници од VI век, тогаш сè што е пред тој период мора автоматски да биде „Илирија“, а со тоа и албанско. Така се создаваат хиперболизирани историски претензии.
Српската политика во Македонија гледа само „Вардарска бановина“. Србија секако дека можела да си дозволи историја во која токму тие се центар на словенската цивилизација, но тоа би повлекло два секундарни момента: прво, ѝ го одзема на Русија приматот „мајка на сите Словени“, што е политичка конфронтација со сојузник; и второ, македонскиот народ добива историска тежина како посебен народ кој се развивал на границата меѓу словенскиот и хеленскиот свет, што го прави неподобен за асимилација во „јужно-српски“. Така, во времето на јакнење на национални идентитети, за да го спречи формирањето на посебен македонски идентитет, и на Србија ѝ одговара тезата дека сите сме пристигнале заедно од зад Карпатите како една нераскинлива племенска маса. Индиректно, првото „еден народ, во две или неколку држави“ е наметнато од север, не од исток.
Бугарската историска конструкција бара цели нови фељтони. Таа го презема историскиот политоним „Бугари“ за да изгради царски наратив, додека истовремено се прогласува за единствен наследник на целиот словенски масив на Балканот, целосно занемарувајќи ги автохтоните и регионалните разлики, а особено игнорирајќи го фактот дека тие се јазично Словени, а не наследници на древните туркиски Прабугари.
Така, Македонците ќе останат во процепот на сите овие конструирани геополитики –ќе станат луѓе без корен, кои наводно препливале преку Дунав со трски, за да го заборават сопствениот просторен, лингвистички и генетски континуитет. Стануваат „аморфна маса“ погодна да заземе облик на Срби, Бугари или Грци, зависно од потребите и од апетитите на соседите.
Во следното продолжение: ЗАБРАНЕТА ИСТОРИЈА (4) Терминот „Бугарин“ или – магнет за семантички деформации
ЗАБРАНЕТА ИСТОРИЈА (1) Што ако прататковината на Словените не се Карпатите, туку Балканот?