ВО МВР СЕ ВОДИ ВНАТРЕШНА ИСТРАГА ЗА НЕЗАКОНСКО ИЗДАВАЊЕ ВОЗАЧКИ ЗА Ц И Д КАТЕГОРИИ Министерот вели, ако се докаже, сите инволвирани најстрого ќе бидат казнети
Прво, лицето пријавувало дека ја изгубило возачката дозвола и поднесувало барање за издавање нова. При фотографирањето за новата дозвола, во системот се додавала повисока категорија, па возачот добивал нов документ со право да управува и со возила за кои немал положено.
Внатрешната контрола на Министерството за внатрешни работи (МВР) истражува случај во кој вработени во управните служби на полоицијата незаконски додавале категории во возачки дозволи на лица што никогаш не полагале за управување камион или автобус, објави ТВ Сител.
Според информации објавени во дел од медиумите, за незаконското додавање на Ц или Д-категорија се наплаќале по 1 400 евра.
„Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, известено е надлежното Основно јавно обвинителство и во координација со Обвинителството се преземаат соодветни активности за расчистување на случајот“, се вели во соопштението од МВР.
Со случајот е запознаен обвинител од скопското јавно обвинителство, но, според информациите на Сител, постапката засега се води во рамки на МВР. Со неа треба да се утврди колку вработени во управните служби биле вклучени во незаконското додавање категории, како и колку возачки дозволи биле издадени на ваков начин.
Како што пренесува ТВ Сител, лицата што се предмет на истрагата биле затекнати на дело, односно во процесот на додавање категории кои возачите претходно не ги поседувале.
– Постапката функционирала така што лицето пријавувало дека ја изгубило возачката дозвола и поднесувало барање за издавање нова. При фотографирањето за новата дозвола, во системот се додавала повисока категорија, па возачот добивал нов документ со право да управува и со возила за кои немал положено – се вели во објавата на медиумот.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостувањето на Тема на денот на ТВ Сител рече дека секој за кој ќе се најде каков било доказ дека злоупотребил каква било позиција или пак несовесно работел во службата, ќе се постапи согласно закон и ќе биде најстрого санкциониран, поради тоа што ја злоупотребил довербата на македонските граѓани, на Министерството за внатрешни работи и го оцрнил образот и на колегите свои кои чесно и професионално си ја работат работата.
Тошковски беше прашан дали имало полициски службеници кои за 1.400 евра издавале фалсификувани, односно возачки дозволи со повисоки категории на управување на возила од оние кои ги имале во своите оригинални.
– Во текот на вчерашниот ден имаше така поставено прашање од страна на медиумите во Министерството за внатрешни работи, одговоривме дека се постапува по информации добиени од страна на МВР за конкретни сомнежи за кривично дело, кои информации се споделени со Јавното обвинителство, за коишто дејствија Јавното обвинителство донело наредба за преземање на одредени истражни дејствија од страна на внатрешна контрола во рамки на Министерството – рече Тошковски во гостувањето на ТВ Сител.
Тој рече дека во овој момент не сака да споделува повеќе детали за овој предмет, поради тоа што станува збор за дејствија кои се предмет на оперативна обработка од страна на Внатрешна контрола во МВР, односно постојат основани сомненија дека се сторени одредени незаконитости.
– Кога ќе можеме, секако дека ќе ја информираме јавноста. Ова е битна тема и за Министерството за внатрешни работи и за јавноста, секако, не смееме да дозволиме злоупотреба на службена на службена положба – истакна министерот.
Во однос на тоа дали оваа група е поврзана со аферите од минатото за издавање пасоши, рече дека не сака да навлегува во детали во тој дел, но е убеден дека доколку имало построги казни, тоа не би се случило.