БАРАЊАТА НА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ СЕ ЛЕГИТИМНИ Мицкоски најави дека владата во рамките на можностите ќе направи се да им помогне

Премиерот се осврна и на тоа што досега оваа влада го направила во насока на обезбедување подобри услови за земјоделците имајќи ја предвид катастрофалната состојба која ја остави минатата власт во овој сектор.

1

Премиерот Христијан Мицкоски, оцени денеска дека барањата на земјоделците струмичко кои најавија протести се  легитимни и владата преку механизмите кои ѝ стојат на располагање ќе направи се што е во нејзина можност за да им помогне.

– Како влада ги поддржуваме земјоделците и нивните барања и тука нема никаква дилема. Затоа што тие се луѓето коишто нè хранат и во оваа година која што е исклучително предизвикувачка кога во неформални кругови се користи терминот, оваа година „треба да се преживее”, ценам дека барањата на земјоделците се легитимни и ние како влада преку механизмите коишто ни стојат на располагање ќе сториме сè што можеме за да помогнеме, што впрочем и го покажавме уште кога бевме избрани како влада -рече Мицкоски.






Тој исто така се осврна и на тоа што досега оваа влада го направила во насока на обезбедување подобри услови за земјоделците имајќи ја предвид катастрофалната состојба која ја остави минатата власт во овој сектор.

– Ќе потсетам, нема добра реколта без исчистени канали за наводнување и без полни акумулации што беше случајот сега. Еве денеска добив информација дека во принцип водостојот на акумулациите и на реките е најнизок околу Голема Богородица, а нашите акумулации се некаде околу 60%. Значи завршува сезоната на наводнување, некаде околу 60% се полни. Ќе потсетам и дека на 23 јуни кога оваа влада беше избрана процентот во акумулациите беше 7. Тоа не беа акумулации, беа мочуришта. Таа е разликата од прилика што направивме ние за да имаме поголема реколта и што правиме ние за земјоделците – рече Мицкоски.

Тој потсети и на неисплатените плати во државните компании Национални шуми и во водостопанство како и за неисплатените субвенции од 2020 година.

– Овие истите што ги уништија, буквално што ги доведоа на питачки стап земјоделците денеска без срам ги гледаме снимаат по некое рилче, страв им е да се соочат бидејќи можат да добијат непријатни прашања. Со камерата се снимаат и тоа го објавуваат и мислат дека на тој начин ќе добијат некаква поддршка, а притоа забораваат дека нивната репутација е нула, а кредибилитетот е негативен – забележа Мицкоски.

Поврзани содржини