ОПОЗИЦИЈАТА НЕМА ПОЗНАВАЊА ЗА ДАТА ЦЕНТРИТЕ Мицкоски обелодени дека преговарат со пет-шест потенцијални инвеститори
Премиерот Христијан Мицкоски вети дека целиот процес ќе биде транспарентен и дека нема ништо да се крие од јавноста.
Во моментов се преговара за дата центрите со пет-шест потенцијални инвеститори, од кои една е голема мултинационална компанија, обелодени денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Тој ветува дека целиот процес ќе биде транспарентен и дека нема ништо да се крие од јавноста.
Обвинувањата од опозицијата за дата центрите ги нарече тотална невистина и незнаење од страна на луѓе кои имаат политичка тежина и водат политички партии.
– Нема да навлегувам во суштината затоа што не заслужуваат суштински одговор на техничко ниво, бидејќи манифестираат тотално непознавање. Замислете да не е вештачката интелигенција или податочните центри како би изгледал денеска БДП да речеме на САД. Зарем Нвидиа, Амазон, СпејсИкс, ОпенАИ, мултинационални глобални компании чиишто брендови тежат трилиони, би постоеле денеска ако на каков било начин го доведуваат квалитетот на животот на граѓаните под прашање. Така што апсолутно остануваме на таа стратегија како влада. Овие проекти се во таа насока да преку гас се изградат гасни централи кои ќе произведуваат електрична енергија која што подоцна ќе се користи во овие дата центри – рече Мицкоски.
За проектот за дата центар во Пехчево за што завчера негативно се изјасни Советот на општината, Мицкоски го повтори ставот на градоначалникот дека проектот е приватна иницијатива и дека таму државата нема ништо.
– Кога државата ќе прави или учествува за изградба на таков објект јавно транспарентно ќе каже пред граѓаните – рече Мицкоски.
Истакна дека кога во истата сала во Владата пред некое време говорел за семејните вредности и многудетните семејствата, исто така имало критики.
- Кога им велев дека за пет години 4.000 бебиња помалце се родиле, дека тоа се 200 празни училници, дека тоа се 200 училишта на кои што треба да ги затвориме, ми викаа дека сум бил ретрограден, ме навредуваа… Денеска истите тие кои тогаш правеа хистерија се соочуваат со тој болен факт дека имаме 200 паралелки помалку и тоа е вистина… Протестираа за хидроцентрали и така натаму, сега протестираат, не сакаат дата центри. Тие во суштина не ја сакаат Македонија, не сакаат оваа држава да се развива. Треба да се соочиме со реалноста дека имаме политичари кои се платени од граѓаните и тие не сакаат оваа држава да се развива, тие не ја сакаат државата, тие се сакаат себе си и привилегиите коишто потенцијално ги користат -, изјави Мицкоски.
Премиерот Мицкоски при тоа подвлече дека изградбата на дата центрите е неповратен процес и ова е новата нафта, а ова е моментот што треба да го препознаеме, ако сакаме да ја развиеме Македонија во богата европска држава.
– Ако сакаме ние да си ја развиеме земјата, ако сакаме да си ги вратиме младите однадвор тука, ова е патот според мене. Јас не велам дека ќе се случи преку ноќ, но ова е патот, да ги создадеме условите инфраструктурни и да донесеме вакви инвеститори. Зарем сите овие милијардери чиишто брендови во бизнисот тежат трилиони, ќе го жртвуваат својот бизнис, репутацијата на бизнисот, па и својот личен имиџ и репутација ако тоа што го работат е штетно за луѓето, не, нема да им растат акциите секој ден, туку ќе паѓаат – изјави премиерот Мицкоски.