НЕМА НОВИ КРИТЕРИУМИ ЗА ПРИСТАПУВАЊЕ ВО ЕУ Изјавата на Марта Кос не се однесува на Македонија
Во декемврискиот извештај (за земјите кандидати) бевме најдобри, очекувам истото да биде и во јунскиот извештај. Продолжуваме во таа насока и во периодот што следи. Тоа што е наша обврска надвор од билатералните услови, ние ќе си го испорачаме и ќе бидеме најдобри. И сме најдобри, вели премиерот.
Во моментот нема нови критериуми кога станува збор за пристапување на земјите кандидати кон ЕУ, вели премиерот Христијан Мицкоски за неодамнешната изјава на еврокомесарката Марта Кос. Според Мицкоски, изјавата на Кос е дадена во поинаква конотација и таа не се однесува на Македонија како држава.
– Ние имаме целосно усогласена безбедносна и надворешна политика со Европската Унија. Работиме на реформската агенда и ќе направиме сè да бидеме најдобри на тој план како и досега – вели премиерот.
Тој додава:
– Нема нови критериуми кога станува збор за пристапување кон ЕУ на земјите кандидати, сега за сега. Ќе видиме што ќе се случува понатаму. Има неколку предизвици коишто се пред нас не само како држава, туку и на самата Европска Унија. Изјавата на еврокомесарката е дадена во поинаква конотација и таа не се однесува на Македонија како држава. Ние имаме целосно усогласена безбедносна и надворешна политика со Европската Унија. Имаме апсолутно целосна доверба во рамките на Европската Унија – изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање по потпишувањето на Договорот за проектирање и изградба на интерконективниот гасовод Македонија – Србија.
Тој додаде дека Владата работи на реформската агенда, на исполнување на реформите.
– Во декемврискиот извештај бевме најдобри, очекувам истото да биде и во јунскиот извештај. Продолжуваме во таа насока и во периодот што следи. Тоа што е наша обврска надвор од билатералните услови, ние ќе си го испорачаме и ќе бидеме најдобри. И сме најдобри. Така што продолжуваме во тој правец – рече македонскиот премиер.
Европската комесарка за проширување Марта Кос на 25 август го претстави предлогот на Европската комисија за реформа на проширувањето на ЕУ и изнесе планирани чекори за постепена интеграција, построга проверка на кандидатите и нова методологија, нагласувајќи дека светот се променил, а со тоа мора да се промени и самиот процес на проширување.
Таа на Конференцијата на хрватските амбасадори во Загреб рече дека проширувањето не значи поголема ЕУ, туку посилна ЕУ.
– Се работи за создавање Европа способна да ги осигура сопствените интереси соочена со сè поголемата конкуренција од другите глобални сили. Во тоа можеме да бидеме успешни само доколку го стабилизираме нашиот континент и во ЕУ ги вклучиме оние земји кандидатки кои ги исполнуваат своите обврски. Бидејќи ниту една европска земја не би можела сама. Проширувањето е геополитички стабилизатор на Европа – рече таа, додавајќи дека се очекува 2026 година да биде рекордна година за напредок во проширувањето на ЕУ.