„КАКО ДА ВИ ПОМОГНЕМЕ ДА УБИВАТЕ ПОВЕЌЕ РУСИ?“ Брутално прашање му донесе руска потерница на германски новинар

Останува нејасно дали Србија, една од земјите во кои тој работеше, ќе ја почитува потерницата издадена од Москва.

1

Русија издаде потерница по Михаел Мартенс, новинар на германскиот дневен весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ поради „поттикнување омраза и непријателство“, јави ДПА.

Новинарот кој известува од Балканот, беше ставен минатата недела на листата од страна на руското МВР, јави ДПА.






Дописникот на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ за Балканот не беше вклучен во базата на податоци на Интерпол, според меѓународната организација за криминална полиција, забележа германската агенција, додавајќи дека останува нејасно дали Србија, една од земјите во кои тој работеше, ќе ја почитува потерницата издадена од Москва.

Она што ја предизвика реакцијата на руските власти беше прашањето што новинарот му го постави на украинскиот претседател Володимир Зеленски пред само две недели за време на посетата на Белград.

Дописникот на германскиот дневен весник го праша Зеленски што европските земји би можеле да направат „за да ви помогнат да убиете повеќе Руси“.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, го оквалификува прашањето како повик за убивање Руси и го нарече „неприфатливо“ и „криминално“.

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ објави дека прашањето е формулирано на погрешен начин. „Го разјаснивме случајот и жалиме за формулацијата“, се вели во соопштението на весникот.

Мартенс, по критиките што ги доби, на својот профил на мрежата Икс објасни дека прашањето било алузија на цитат од британскиот државник Винстон Черчил. Според таа историска интерпретација, Черчил поддршката за југословенското движење на отпор во Втората светска војна наводно ја сведувал на прашањето: „Кој убива најмногу Германци и како можеме да им помогнеме да убијат уште повеќе?“

Во меѓувреме, руската државна новинска агенција ТАСС ја пренесе реакцијата на портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова. Повикајќи се на фактот дека дедото на Мартенс бил припадник на командниот кадар на Вермахтот, таа германскиот новинар го нарече „наследен нацист“.

Според рускиот закон, новинарот може да биде осуден на затворска казна до 6 години.

Поврзани содржини