УШТЕ ПЕТ ПОЖАРИ НА ОТВОРЕНО СЕ АКТИВНИ Три се ставени под контрола
Во текот на денот се изгаснати 11 пожари, додаваат од Центарот за управување со кризи.
На територија на државата денеска до 18 часот се регистрирани вкупно 19 пожари на отворен простор, од кои пет се активни, три се под контрола, а 11 се изгаснати.
Како што информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), активни се пожарите во општините Студеничани и Зелениково, каде огнот се шири од селата Моране, Вртекица и Рамни Габер кон кракот за село Палиград, како и над село Вражале во Општина Зелениково, каде гори мешана шума.
Активен е и пожарот кај село Трново во Општина Гостивар, кој се шири кон селата Битово, Заград и Страјане во Општина Македонски Брод. Гори нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат.
Во Општина Зелениково активен е пожарот кај село Тисовица, каде гори мешана шума и ниска вегетација. Пожар е активен и над село Нежилово во Општина Чашка, во месноста Сватови, каде гори ниска вегетација и смреки.
Во Општина Ново Село активен е пожарот на депонијата во Ново Село.
Под контрола, пак, од ЦУК информираат дека се пожарите во село Тајмиште, месноста Дарда, во Општина Кичево, каде гори високостеблеста букова шума, како и пожарите на градската депонија „Мелци“ во Кавадарци и на депонијата во Делчево, каде гори ѓубре.
Во текот на денот, додаваат, се изгаснати 11 пожари. Во Општина Желино изгаснати се пожарите во село Желино, каде горела ниска вегетација, меѓи и грмушки, и во село Стримница, каде горела ниска вегетација. Изгаснат е и пожарот во село Одри, Општина Теарце.
Во Општина Македонски Брод изгаснат е пожарот меѓу резерватот „Јасен“ и село Брезница, каде гореле ниска вегетација и борова шума, додека во Општина Кичево е изгаснат пожарот во село Зајас, каде горела ниска вегетација.
Во Општина Делчево изгаснати се пожарите во село Ветрен, каде гореле ниска вегетација и мешана шума, и во село Бигла, каде горела одложена кожа во кожарата „Годел“.
Изгаснати се и пожарите во село Виничани, Општина Градско, каде горела ниска вегетација, во село Форино, Општина Гостивар, каде горела ниска вегетација, како и во село Манастирец во Општина Росоман, каде гореле лозови и овошни насади, и во Росоман, каде горела ниска вегетација.