ЗА ДЕЦА ФЕЈСБУК И ИНСТАГРАМ САМО ДВА ЧАСА ДНЕВНО, НОЌЕ НИКАКО! Падна договор, Мета ќе плати 17,1 милијарди казна и ќе воведе ограничувања

Пристапот до апликациите ќе биде ограничен и во текот на училишниот ден. За време на учебната година, платформите нема да смеат да испраќаат известувања до децата од 8 до 15 часот.

0

Технолошкиот гигант Мета ќе плати до 17,1 милијарди долари и ќе направи големи промени на своите платформи Инстаграм и Фејсбук за да го реши големиот судски спор во САД.

Мета се соочуваше со тужба поднесена од јавните обвинители на 29 сојузни држави во САД, кои ја обвинија компанијата дека свесно ја нарушувала благосостојбата на младите преку своите платформи.






Сега двете страни постигнаа спогодба со која Мета се обврзува да воведе низа промени, меѓу кои дневни ограничувања и блокирање на профилите на тинејџерите во текот на ноќта на Инстаграм и Фејсбук. На младите, исто така, ќе им биде оневозможено да го гледаат бројот на лајкови или реакции на објавите.

Случајот беше оценет како голема можност за Мета и нејзиниот извршен директор Марк Закерберг да одговорат на обвинувањата дека нивните платформи им нанесуваат штета на децата. На сослушувањата беа изнесени низа сериозни обвинувања, вклучително и тврдења дека Мета намерно прикривала докази за начините на кои нејзините платформи влијаат врз менталното здравје на младите.

Сепак, Мета и јавните обвинители постигнале спогодба со која се става крај на сослушувањата, а истовремено компанијата не мора да признае вина, како дел од новопостигнатата спогодба.
Оние што го водеа случајот ја поздравија спогодбата како голем успех и најавија дека во иднина би можеле да следуваат и други слични постапки.

Спогодбата предвидува Мета да плати најмалку 12,1 милијарда долари за решавање на тужбите, во период од десет години. Сумата може да се зголеми за уште 5 милијарди долари, во зависност од договорите со други големи компании од секторот на социјалните мрежи.

Мета, исто така, е обврзана да воведе низа промени на своите платформи со цел да ги заштити малолетните корисници. Тие вклучуваат ограничувања кога и како може да се користат платформите, блокирање на одредени функции и нови алатки со кои родителите ќе можат подобро да ја контролираат безбедноста на своите деца.

Користењето на Инстаграм и Фејсбук заедно ќе биде ограничено на два часа дневно, со прекини на секои 15 минути за да се прекине непрекинатото скролање. Овие ограничувања ќе важат пет години, но ќе бидат намалени на 60 минути дневно во период од десет години доколку Снепчет, Тикток и Јутјуб воведат слични правила.

На малолетниците ќе им биде оневозможен пристапот до платформите во текот на ноќта. Пристапот ќе биде блокиран од полноќ до 6 часот наутро, а известувањата ќе бидат исклучени од 22 до 7 часот.

Пристапот до апликациите ќе биде ограничен и во текот на училишниот ден. За време на учебната година, платформите нема да смеат да испраќаат известувања до децата од 8 до 15 часот.

Правните експерти ја оценуваат оваа спогодба како голем успех и досега најголема спогодба постигната против голема технолошка компанија, како и историски исчекор за заштита на потрошувачите, со ваѓност како и спогодбите со тутунската индустрија од 1990 година.

Поврзани содржини