ЕВРОПА ЗАОСТАНУВА, А МАКЕДОНИЈА ТРЕБА ДА ФАТИ ПРИКЛУЧОК ВО ТРКАТА ЗА КРИТИЧНИ МИНЕРАЛИ Имаме најмногу бакар и потврден е во Иловица
САД инвестираа многу во последните две години за да обезбедат пристап до метали и други материјали што се користат во стратешките технологии, особено оние за кои Кина доминира во глобалното производство.
Вашингтон и Пекинг се далеку пред Брисел во трката за обезбедување на критични минерали кои се неопходни во одбранбената индустрија и зелените технологии, оценува „Фајненшел тајмс“. Претставници од индустријата од Европа прогнозираат дека Унијата ризикува да заостане уште повеќе зад САД во трката за обезбедување на критични минерали, во период кога Западот се обидува да се спротивстави на кинеската доминација во основните компоненти за одбраната и зелената транзиција. Домашни експерти одамна предупредија за светскиот тренд и ги повикаа властите да овозможат инвестиции во рударството, со запазување на еколошките стандарди. Беше истакнато дека Македонија поседува повеќе критични минерали, а особено бакар.
Меѓу потврдените наоѓалишта на бакар е она во Иловица, кое засега е единствена инвестиција за ископ на критичен минерал во Македонија и од кое ќе може да се произведуваат до 16.000 тони бакар годишно, повеќе од две децении.
Во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046, која ја изготвуваше МАНУ, е потенцирано дека порастот на побарувачката на минерални суровини и материјали на глобално ниво се должи на низа процеси, како што се: дигитализацијата, електрификацијата на транспортниот сектор, замената на постојните постројки за производство на енергија базирани на фосилни горива со обновливи извори на енергија, иновациите во производството на воени технологии, во телекомуникациите, градежништвото и така натаму. Во текстот беше истакнато дека многу од државите прават сериозни напори стратешки да одговорат на овие предизвици преку мапирање на сите засегнати страни во синџирите за снабдување со минерални суровини и материјали, континуирано следејќи ги домашните потреби од различни минерали.
„Имајќи ја предвид континуираната висока побарувачка за метали и минерали, Република Северна Македонија треба добро да се организира и да се постави за да може соодветно да одговори на идните зголемувања на потреби за снабдување со суровини. Уникатниот геолошки потенцијал на Република Северна Македонија, ја става минералната индустрија во земјата во добра позиција, но за да таа биде во уште поповолна позиција мора да се обезбедат одредени предуслови за тоа – Република Северна Македонија треба да се промовира како лидер во овој дел на Европа во полето на рударството и истражувањето на минералите, а македонските претпријатија треба да работат во многу ефикасни кластери во партнерство со универзитети и истражувачки институти“, се истакнува во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046.
Инаку, како што пишува светскиот медиум, САД инвестираа многу во последните две години за да обезбедат пристап до метали и други материјали што се користат во стратешките технологии, особено оние за кои Кина доминира во глобалното производство. Вашингтон објави околу 40 милијарди долари привремено финансирање за минерални проекти од 2022 година и презеде акции во низа домашни рудари. Владата на САД, исто така, лобираше во корист на американските компании да добијат тендери за рудници ширум светот.
Од друга страна, во последните 18 месеци, Брисел избра десетици стратешки проекти за да имаат корист од забрзаната процедура за дозволи. ЕУ и земјите-членки издвоија околу 6 милијарди евра за минерални проекти оваа година, но индустријата предупредува дека процесот се движи премногу бавно за да го поттикне секторот.
– Навистина им се восхитувам на Американците затоа што тие земаат идеја и ја спроведуваат, додека ние Европејците се двоумиме, претеруваме со администрирање, зборуваме и губиме време – изјави Бернд Шефер, извршен директор на „EIT RawMaterials“, тело што ја претставува индустријата за критични минерали на ЕУ.
– Треба да го направиме она што го прават САД со купувањето резерви, брзите акции и користењето финансиски алатки за да го изградиме синџирот на снабдување со критични минерали, пред новата стратегија што ќе биде претставена оваа есен. Разгледуваме како да соработуваме повеќе со истомислечки партнери – Канада и Јапонија – изјавил неименуван европски функционер за „Фајненшел тајмс“.
Според Шефер, постои ризик САД „да станат втора Кина за Европа“ во однос на зависноста од ретки метали. Европските ревизори во февруари годинава предупредија дека иако Брисел избрал 75 стратешки проекти, кои треба да имаат корист од поедноставените правила за добивање дозволи и пристап до инвестиции, „малку е веројатно“ дека повеќето ќе се реализираат на време за да му помогнат на блокот да ги исполни своите цели за 2030 година за развој на домашни резерви за критични минерали.