„МЕ ЧИНИ СКАПО ДА ИЗГЛЕДАМ ВАКА ЕВТИНО“ Зад најпознатата шега на Доли Партон се крие приказната за тоа како го изградила својот препознатлив изглед

„Ме чини скапо да изгледам вака евтино“ е една од најпознатите реченици на Доли Партон. Еве кога ја кажувала и каква приказна стои зад неа.

2

Ако постои една реченица што совршено ја опишува Доли Партон, тоа е: „It costs a lot of money to look this cheap“ – „Чини многу пари, за да изгледаш толку евтино“. Таа ја кажувала со децении, толку често што станала нејзин заштитен знак.

Иако деновиве повеќе медиуми повторно ја поврзуваат реченицата со филмот „The Best Little Whorehouse in Texas“ од 1982 година, самата Доли во интервју за „Vogue“ во 2016 година рекла дека ја користи повеќе од 25 години, но не можела да се сети кога точно ја смислила.






Сепак, зад шегата има нешто многу посериозно – Доли навистина вложувала многу во изгледот за кој некои луѓе со години ја исмејувале. Големата руса коса, високите потпетици, долгите нокти, тесните фустани, светкавите материјали и силната шминка не биле случајност. Тоа бил нејзиниот свесно избран имиџ.

Доли уште како девојче во руралниот Тенеси била фасцинирана од една жена од нејзиниот крај која ја нарекувале „градската проститутка“. За другите таа била „евтина“, но за малата Доли била прекрасна. Ја паметела со избледена коса, црвен кармин, долги нокти и високи потпетици – токму елементи кои подоцна ќе станат дел од препознатливиот изглед на Партон.

– Луѓето велеа: Таа е само ѓубре – раскажувала Доли, објаснувајќи дека како дете размислувала поинаку:

– Тоа сакам да бидам кога ќе пораснам.

За неа таа жена не изгледала евтино, туку гламурозно. Токму затоа Доли подоцна намерно го прифатила изгледот кој другите го сметале за претеран.

Тоа понекогаш ѝ носело и непријатни ситуации. Во интервју за CNN во 2005 година, Партон раскажала дека кога за првпат дошла во Њујорк, во доцните 1960-ти, луѓето ја помешале со проститутка. Таа не се обидела да го негира фактот дека така изгледала во нивните очи – напротив, со својот типичен хумор објаснила дека едноставно го сакала тој изглед и никогаш немала намера да го промени.

Со текот на времето, токму она што требало да биде причина луѓето да не ја сфаќаат сериозно станало еден од најпрепознатливите брендови во шоу-бизнисот. Доли го претворила „евтиниот“ изглед во нешто што чинело многу пари, барало многу време и станало дел од нејзиниот идентитет.

И не станувало збор само за облека. Во 2000 година, кога зборувала за својот изглед и парите што ги вложува, Доли повторно ја кажала истата шега, објаснувајќи дека ѝ требаат пари и за одржувањето на целиот тој изглед.

Колку ѝ значела реченицата покажува и едно нејзино подоцнежно признание: Доли рекла дека токму оваа фраза веројатно би можела да се најде и на нејзиниот надгробен споменик. Со други зборови, од шега за нејзината руса коса, кармин и светкави фустани таа станала речиси нејзино животно мото.

 

Поврзани содржини