ТИНЕЈЏЕРИ ВОЗЕЛЕ ВО СПРОТИВНА НАСОКА, 7 ЖИВОТИ ЗАВРШИЈА ВО СТРАОТЕН СУДИР По трагедијата Британија удри по Тик-ток

Британскиот министер за одбрана Лук Полард порача дека платформите мора сами да преземат одговорност и да спречат опасна содржина да се шири преку нивните алгоритми, а во спротивно, владата е подготвена да ги искористи законските овластувања и да наложи отстранување на материјалите што промовираат опасно однесување на патиштата.

154

Британските власти побараа од Тик-ток и од останатите социјални платформи да преземат конкретни мерки против видеата што промовираат или поттикнуваат опасно возење, по тешката сообраќајна несреќа во североисточна Англија во која животот го загубија 7 лица.

Британскиот министер за одбрана Лук Полард порача дека платформите мора сами да преземат одговорност и да спречат ваквата содржина да се шири преку нивните алгоритми. Во спротивно, владата е подготвена да ги искористи законските овластувања предвидени со Законот за безбедност на интернет за да наложи отстранување на материјалите што промовираат опасно однесување на патиштата.






Трагедијата ја отвори и дебатата за влијанието на видеата на социјалните мрежи врз опасното однесување зад воланот, особено откако се појавија информации дека еден од загинатите претходно бил поврзуван со снимање содржини поврзани со опасно возење. На Тик-ток има тренд на возење во погрешна насока што доведува до  бесмислена загуба на животи.

Во тешката несреќа животот го загубија двајца полицајци, Метју Блејдс (37) и Том Клаф (38), како и 5 млади луѓе – 17-годишните Кол Роберт Ворти и Тео Реј, 18-годишниот Макај Садингтон, како и 23-годишните Мајкл Роберт Кејхил и Џејкоб Матусијак.

Според досегашните информации, двајцата полицајци биле во полициско возило кое учествувало во полициска операција, кога во нив директно удрил „фолксваген пасат“ кој се движел во спротивна насока по двонасочна сообраќајница.

Особено внимание во јавноста предизвикале информациите поврзани со Садингтон. Според објавените информации, тој претходно бил поврзуван со снимање опасно возење за Тик-ток. Во јули бил обвинет пред суд за напад на полицаец и за предизвикување расно мотивирана вознемиреност и страв.

Надлежните предупредуваат дека не треба да се прават заклучоци за директната поврзаност на овие информации со несреќата додека истрагата не ги утврди сите факти.

По трагичниот настан, министерот за одбрана Лук Полард побара социјалните мрежи да преземат поголема одговорност за содржините што ги шират.

Според него, платформите не треба преку своите алгоритми да промовираат и финансиски да наградуваат материјали кои опасното однесување во сообраќајот го претставуваат како нешто привлечно или забавно.

Полард предупреди дека доколку компаниите не реагираат доброволно, британската влада е подготвена да ги искористи законските механизми за да ги принуди да отстрануваат такви содржини.

Полицискиот и криминален комесар за областа Кливленд, Мет Стори, за „Би-би-си Радио 4“ ги потврдил информациите за видеата на „Тик-ток“, но истовремено повикал јавноста да не носи избрзани заклучоци.

Тој предупредил дека возачите мора целосно да бидат концентрирани на патот и дека снимањето содржини или занимавањето со други активности додека се управува возило претставува сериозен ризик.

Стори посочил дека е особено загрижувачко доколку ваквото однесување станува почесто и доколку опасното возење се претвора во содржина која луѓето ја снимаат и ја споделуваат со други.

Пред кобниот судир, полицијата почнала потера по добиени информации за „повеќе инциденти“ поврзани со „фолксвагенот“.Возилото било забележано од систем за автоматско препознавање на регистарски таблички и безбедност во сообраќајот. Според досегашната истрага, постои сомнение дека на автомобилот можеби биле поставени копирани регистарски таблички. Полицајците Блејдс и Клаф не биле дел од почетната потера, туку подоцна биле повикани да помогнат во полициската операција.

Потерата траела нешто помалку од 7 минути. Во еден момент „пасатот“ излегол на автопатот и продолжил да се движи во спротивна насока од дозволената.

Полицијата потоа ја прекинала потерата и продолжила да се движи по правилната страна на коловозот. Само околу десет секунди подоцна дошло до директниот судир со полициското возило.

Трагичната несреќа во североисточна Англија се случи само неколку дена по несреќата во Ирска, каде што 5 тинејџери ги загубија животите во недела, 16 август. Тие биле во украден автомобил и возеа во спротивна насока на автопатот М9, западно од Даблин, додека снимале сè за објавување на социјалните мрежи. Нивното возење заврши со челен судир со друго возило во кое се наоѓаше четиричлено семејство. Сите членови на семејството, вклучително и едно дете, претрпеа сериозни повреди.

Ирскиот премиер Михаел Мартин остро го осуди ваквото однесување на возачите.

– Не смее да има толеранција за такво неодговорно однесување – рече Мартин.

Шефот на ирската полиција Џастин Кели истакна особено загрижувачка димензија на овој феномен.

– Она што го прави ова неодговорно однесување уште поскандалозно е фактот дека во некои случаи тоа се прави исклучиво заради социјалните мрежи – рече Кели.

Парламентарниот комитет во Ирска побара од Тик-ток итна изјава за тоа како платформата работи на отстранување на содржини што охрабруваат и слават опасно и нелегално возење.

Поврзани содржини