ПОЧИНА СИИМ КАЛАС ПОРАНЕШЕН ЕСТОНСКИ ПРЕМИЕР И ЕВРОПСКИ КОМЕСАР ЗА ЕКОНОМСКИ ПРАШАЊА НА УНИЈАТА Неговата ќерка Каја ја соопшти жалната вест

Калас беше и министер за надворешни работи на Естонија и гувернер на на централната банка на оваа земја и важна фигура за европскиот пат на балтичките земји.

111

Поранешниот естонски премиер и европски комесар Сиим Калас почина на 77-годишна возраст.

„Со тага морам да објавам дека мојот драг татко Сиим Калас почина синоќа“, објави Каја Калас, шефица на европската дипломатија, на Инстаграм.






Калас беше првиот Естонец што стана член на Европската комисија, а функцијата ја презеде во 2004 година. Тој беше комесар за економски и монетарни прашања за време на мандатот на тогашниот претседател на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, а од 2010 до 2014 година беше потпретседател на Комисијата и комесар за транспорт.

Од 1972 до 1990 година, Сиим Калас беше член на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз. Работел во Министерството за финансии на Естонската ССР, а од 1986 до 1989 година бил директор на естонската филијала на советскиот систем на државни штедилници.

Економист по професија, Калас стана гувернер на Банката на Естонија во 1991 година, каде што беше еден од главните автори на монетарната реформа на земјата. Во 1994 година, тој ја основа либерално-демократската Партија на реформи, а следната година беше избран во Естонскиот парламент, по што стана министер за надворешни работи.

Калас беше исто така важна фигура на европскиот пат на балтичките земји. Откако беше назначен за министер за надворешни работи, тој ги водеше напорите на Естонија за пристапување кон Европската Унија. Тој стана премиер во 2002 година, кога Естонија ги заврши преговорите за членство во ЕУ и доби покана за членство во НАТО.

„Размислувам за храброста што беше потребна за обнова на земјата и воведување сопствена валута на почетокот на 1990-тите, како и за тивката решителност што ја донесе со себе во Брисел. Естонија и Европа се подобри поради неговото животно дело“, напиша претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, на социјалните мрежи по веста за неговата смрт.

„Во текот на својата јавна кариера, Сиим Калас помогна во обликувањето на европскиот пат на Естонија и клучните европски политики“, објави Европската комисија.

Неговата ќерка Каја Калас беше најмладиот естонски премиер во историјата, а таа функција ја извршуваше од 2021 до 2024 година. Денес, таа е висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика во вториот мандат на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Поврзани содржини