СЕ СУДРИЈА ПОЛИЦИСКИ ХЕЛИКОПТЕР И МАЛ АВИОН ВО ПЕНСИЛВАНИЈА „Цесната“ буквално се распадна
Кога паднал хеликоптерот, двајца полицајци биле заробени во остатоците, сè додека еден од нив не успеал да скрши прозорец и да му помогне на колегата да излезе.
Пилот на мал авион загина вчера во судир со хеликоптер на полицијата на државата Пенсилванија во близина на пистата на аеродромот Карлајл во североисточниот дел на САД, околу 170 километри северозападно од Филаделфија. Двајца полицајци од хеликоптерот преживеаа, јавува АП.
Авионот се приближувал кон пистата кога свртил кон нисколетен полициски хеликоптер, изјави полковник Џорџ Бивенс на прес-конференција. Федералната администрација за воздухопловство (FAA) и Националниот одбор за безбедност во сообраќајот (NTSB) го опишаа инцидентот како судир во воздух. Сепак, државната полиција не прецизираше дали авионот веќе ја допрел земјата кога удрил.
– Тоа беше исклучително силен судир, авионот буквално се распадна – рече Бивенс. Тој исто така најави дека истрагата ќе утврди дали пилотот бил сам во леталото. Според ФАА, во судирот учествувале хеликоптер Бел 407 и авион Цесна 150. Бивенс објасни дека Цесна е двосед кој често се користи за обука на пилоти.
Двајца полицајци беа заробени во остатоците од хеликоптерот сè додека еден од нив не успеа да скрши прозорец и да му помогне на колега да излезе. Хеликоптерот учествувал во воена вежба во времето на несреќата.
– Ситуацијата можеше да биде многу полоша вечерва – рече гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро.
Фотографиите и видеата објавени на социјалните мрежи покажуваат полициски хеликоптер како лежи настрана покрај остатоците од уништениот авион. Голем број возила за итни случаи биле на местото на несреќата. FAA и NTSB ја истражуваат причината за несреќата.