КРАЈ ЗА ЗАКЛУЧЕНИТЕ ЛЕЖАЛКИ НА ХАЛКИДИКИ Општината испрати багер за да ја расчисти плажа
Општината претходно ги повикала граѓаните и туристите сами да ја отстранат опремата, но бидејќи дел од нив не постапиле, интервенирале општинските служби со камион, теренски возила и багер.
Околу 100 чадори и лежалки, нелегално поставени, фиксирани и заклучени на плажата Геракини помеѓу првиот и вториот крак на Халкидики, утрово во акција на општина Полигирос биле отстранети и пренесени во погон за рециклирање, јави дописничката на МИА од Атина.
Од општината информираа дека лежалките и чадорите зафаќале делови од плажата и го ограничувале слободниот пристап на капачите, а на акцијата ѝ претходело соопштение преку кое ги повикале граѓаните и туристите да ја отстранета поставената опрема.
Дел од нив не го испочитувале повикот, поради што чадорите и лежалките биле отстранети.
Акцијата ја спровеле општински службеници со помош на еден камион, две теренски возила и еден багер, а присутен бил и заменик-градоначалникот Василис Фардојанис, кој посочи дека не станува збор за потег насочен против никого.
– Станува збор за сосема интервенција што се подразбира со цел заштита на јавниот простор и спроведување на правилата што важат за сите. Општината ќе продолжи со контролите и интервенциите онаму каде што е потребно, со цел плажите на Општина Полигирос да останат чисти, слободни и достапни за жителите и посетителите – истакна Фардојанис.
Чадорите и лежалките што се отстрануваат, како што е пракса, се третираат како отпад и се пренесуваат во погон за рециклирање.