МИЦКОСКИ НАЈАВИ ТРИ НОВИ ИНВЕСТИЦИИ Една од Германија, една од САД, третата е проширување на постојна инвестиција
Премиерот вели дека преговорите се во последната фаза, а договорите се очекува да поминат на следните владини седници и да бидат потпишани наесен.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави три инвестиции во Македонија, за кои договорите би требало да бидат потпишани оваа есен.
Мицкоски рече дека преговорите со инвеститорите се во завршна фаза и дека договорите се очекува да бидат разгледани и одобрени на некоја од следните седници на Владата.
– Во Брисел имав три средби со инвеститори кои во Македонија се во завршна фаза на постигнување договор. Едниот е од Германија, едниот од САД, а третиот прави проширување на постојната инвестиција и многу наскоро, оваа есен, сите три ќе потпишат договори – изјави Мицкоски.
Тој додаде дека кај сите три инвестиции веќе се работи на финализирање на договорите.
– Сите три се во фаза на реализација, се пеглаат последните, би рекол, точка-запирка делови од договорите и очекувам веќе на наредните владини седници тоа да помине, а наесен јавноста да биде запознаена – рече премиерот.
Мицкоски одговори на новинарски прашања по пуштањето во употреба на спортската сала во подрачното училиште „Круме Кепески“ во Кисела Вода.