📽️ РАДИКАЛЕН БОСАНСКИ ПРОПОВЕДНИК ПРОТЕРАН ОД КОСОВО Пезиќ учел мажи како да ги тепаат жените, проповедал и во Македонија

Неговата публика е огромна. Регионалните медиуми во последните години наведуваа повеќе од 300.000, а во 2023 година околу 350.000 следбеници само на Фејсбук. Неговиот официјален канал на Јутјуб денес има околу 70.000 претплатници.

0

Косовските власти го протераа од земјата босанскиот исламски проповедник Елведин Пезиќ, еден од најпознатите салафистички проповедници на Балканот, чии настапи за положбата на жената предизвикуваа остри реакции и во Босна и Херцеговина. Тој јавно заговара жените да се тепаат.

Пезиќ не проповедал само во Босна. Неговите предавања со години привлекуваат публика низ регионот, а во август минатата година гостувал и во Македонија. Според објавените информации, одржал молитва во струшкото село Октиси и јавен настан во Струга во организација на Фондацијата „Зеќат“ од Октиси. Во најавата тогаш бил претставен како почитуван исламски предавач и доктор на исламски науки, чии настапи привлекуваат илјадници слушатели.






Косовските власти не кажуваат зошто е протеран

Пезиќ беше приведен на 13 август, непосредно пред промоција на книга во Витомирица кај Пеќ, а следниот ден беше спроведен преку границата со Црна Гора. Косовската полиција досега не ја соопшти конкретната причина за протерувањето.

Пезиќ во Косово влегол преку преминот Кула со документи на Босна и Херцеговина. По Витомирица требало да настапи и во Добруша кај Исток и во Речане кај Призрен. Полицијата го одвела на информативен разговор, кој според организаторите траел околу шест часа. Со него бил и исламскиот проповедник Митхад Ќеман, кој по разговорот бил пуштен.

Посебно внимание предизвикува фактот што Исламската заедница на Косово соопшти дека воопшто не била известена за доаѓањето на Пезиќ. Нејзиниот совет во Пеќ потврди дека тој не побарал дозвола или согласност за своите активности и дека заедницата не обезбедила никаква материјална или логистичка поддршка. И општина Пеќ соопшти дека не знаела за настанот, кој бил организиран од претставници на локалната бошњачка заедница.

Зошто точно Пезиќ е протеран, засега останува неодговорено прашање. Косовските прописи дозволуваат протерување странец ако претставува закана за јавниот ред, државната безбедност или јавното здравје, но властите не соопштија на која од овие законски основи се повикале во случајот на Пезиќ.

Со жените само со “воспитни”?!

Пезиќ, роден во 1977 година во Травник, исламско образование стекнувал во Обединетите Арапски Емирати и Јордан, а потоа на Исламскиот универзитет во Медина, каде што завршил арапски јазик и шеријатско право. Во 2023 година на Факултетот за исламски студии во Нови Пазар одбранил докторска дисертација за електронската трговија и мрежниот маркетинг од аспект на исламското право. Во Босна се вратил во 2005 година и со текот на времето станал еден од највлијателните независни исламски проповедници на интернет.

Неговата публика е огромна. Регионалните медиуми во последните години наведуваа повеќе од 300.000, а во 2023 година околу 350.000 следбеници само на Фејсбук. Неговиот официјален канал на Јутјуб денес има околу 70.000 претплатници и повеќе од 31 милион прегледи. Пезиќ објавува верски совети, одговори на прашања на верници и коментари за бракот, семејството, облекувањето и однесувањето на жените.

Најголемите полемики ги предизвика со своите проповеди за односот меѓу мажот и жената. Во едно снимено предавање Пезиќ објаснувал дека при брачни проблеми мажот може да употреби „воспитен удар“, кој, според неговото толкување, не треба да остава траги или модринки и не треба да биде насочен кон лицето. Босанскиот „Аваз“ во 2023 година неговите настапи ги оцени како подучување на мажите како физички да ги казнуваат жените.

Пезиќ претходно тврдеше и дека западното општество морално пропаднало кога жената „ја извадиле од куќата“ и кога таа станала „сè освен мајка“. Поради ваквите ставови реагираше и официјалната Исламска заедница во Босна и Херцеговина. Нејзиниот Ријасет се огради од толкувањата на „исламските инфлуенсери“ и оцени дека ставовите со кои се ограничува образованието и општествениот ангажман на жената се спротивни на исламските извори и на правата и обврските на муслиманките.

Не ја ферма Исламската заедница

Во стручната литература Пезиќ се вбројува меѓу влијателните босански неосалафистички проповедници, па затоа терминот „вахабист“, кој често се користи во регионалните медиуми, не е најпрецизното определување. Истражувањата покажуваат и дека неговиот однос кон официјалната Исламска заедница во БиХ бил посложен од отворено непријателство – во одредени периоди тој ја поддржувал нејзината институционална улога.

Случајот во Косово, сепак, заврши со полициско приведување и протерување, а без официјално образложение од косовските власти засега не може да се тврди дека причината била конкретна негова проповед или безбедносна проценка поврзана со неговите салафистички ставови.

Поврзани содржини