📽️ СИЛЕН ЗЕМЈОТРЕС ОД 7,7 СТЕПЕНИ ЈА ПОГОДИ ИНДОНЕЗИЈА Најмалку 20 загинати, спасувачите трагаат по исчезнати

Силниот потрес предизвика уривање на објекти, одрони и прекини на електричната енергија, додека спасувачките екипи продолжуваат со пребарување на теренот.

50

Најмалку 20 луѓе загинаа, шест се повредени, а две лица се водат како исчезнати по силниот земјотрес со магнитуда од 7,7 степени што ја погоди источна Индонезија, во близина на островот Флорес. Спасувачките екипи продолжуваат да трагаат по преживеани, а бројот на жртвите може да се зголеми.

Земјотресот бил регистриран рано наутро во близина на Флорес. Според индонезиската агенција за геофизика „BMKG“, потресот бил со магнитуда од 7,7 степени и се случил на длабочина од околу 15 километри. Епицентарот бил околу 30 километри североисточно од Мбај, во областа Нагекео.

 






Најмногу жртви се пријавени во повеќе населени места на островот Флорес, каде што се уривале објекти, а спасувачите продолжуваат да пребаруваат урнатини. Во делови од регионот има прекини на електричната енергија и проблеми со комуникациите, што дополнително ја отежнува спасувачката операција.

 

По главниот удар следувале повеќе силни последователни потреси, меѓу кои и еден со магнитуда од 6,1 степен.

По земјотресот индонезиските власти издале предупредување за можност од цунами. Подоцна предупредувањето било укинато, откако биле регистрирани само мали бранови, високи помалку од еден метар.

 

Околу 2.000 жители од областа Нагекео ги напуштиле своите домови и биле евакуирани во привремени засолништа. Пријавена е штета на куќи, владини објекти и магацини, а одрони предизвикале проблеми и во сообраќајот.

 

Индонезија се наоѓа на таканаречениот „Пацифички огнен прстен“, едно од најактивните сеизмички подрачја во светот, поради што земјата често е погодена од силни земјотреси и вулканска активност.

Поврзани содржини