(ОБНОВЕНО) ПОЖАРОТ НАД СКОПСКО БОЈАНЕ Е ПОД ДЕЛУМНА КОНТРОЛА Утре се очекува интервенција од воздух за целосно гаснење
Четири екипи на скопската Противпожарна бригада се борат со огнената стихија. Надлежните се обидуваат да го локализираат пожарот и да спречат ширење кон населените места.
Пожарот над селото Бојане, на Сува Гора, е делумно под контрола благодарение на максималниот ангажман на пожарникарите од Скопје и екипата од Тетово.
Во моментов пожарот не претставува опасност за населените места. Утре(сабота 15 август) се очекува воздушна интервенција за целосно гаснење на пожарот.
Пожар од поголеми размери попладнево избувна над скопското село Бојане. Според првичните информации, огнот се шири од правецот на општина Јегуновце, зафаќајќи ја околната вегетација.
Во гаснењето на стихијата учествуваа четири екипи на Противпожарната бригада на Град Скопје, а како засилување на помош пристигнаа и колеги од противпожарните служби од Тетово.
Ситуацијата директно од терен ја следи и координира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али.
– Моментално сум на терен, заедно со екипите ангажирани за справување со пожарот. Од тука директно ги координираме сите активности и потребните капацитети за локализирање и гаснење на огнот. Центарот за управување со кризи е во постојана координација со сите надлежни служби и институции ангажирани на терен – изјави директорот Али.
Од надлежните институции велат дека се прави сѐ за огнот да се стави под контрола и да се спречи негово понатамошно ширење кон населените места.