ВЕЧЕРАТА НА КОЈА ПАДНАЛЕ МАСКИТЕ НА ВРХОВИСТИТЕ Поп Арсов и Чуповски остро им се спротивставиле

Семакедонската конференција во Велес во 1912 година била скриена зад прослава на именден. Петар Поп Арсов, Димитрија Чуповски и нивните истомисленици барале самостојна и неделива Македонија, додека околу нив веќе се затворал обрачот на балканските поделби. После таквиот истап на големобугаристите, Петар Поп Арсов им се обратил: „Секогаш сте биле гробари на Македонија, а и сега сте нејзини гробари“. По вербалната расправија, врховистите го напуштиле собирот.

388

Пишува: Слободан ИВАНОВ

Вечера со српски офицери во окупираниот Велес во 1912 година станала сцена на која почнале да се откриваат спротивставените планови за иднината на Македонија. Додека соседните држави ја подготвувале поделбата, Петар Поп Арсов и неговите истомисленици барале самостојна и неделива Македонија.






Неколку недели подоцна следувала Семакедонската конференција во Велес, организирана во куќата на Ангел Коробар и камуфлирана со прослава на неговиот именден. Таму Поп Арсов и Димитрија Чуповски ја туркале идејата за самостојна Македонија, но наишле на жесток отпор од врховистите, кои сакале „да се зачува Македонија за Бугарија“.

Поп Арсов отворено им рекол на врховистите дека секогаш биле гробари на Македонија. Чуповски предлагал македонска делегација да отпатува на Мировната конференција во Лондон која ќе лобира за автономна Макеоднија. Поп Арсов и Чуповски се нуделе и да бидат делегати во една таква делегација.

Но, што претходело на овие настани? Историските сведоштва зборуваат за улогата на македонските дејци Поп Арсов и Димитрија Чуповски во времето пред големата поделба на Македонија со Букурешкиот договор од 1913 година, односно Лондонска мировна конференција по Првата балканска војна.

Како што вели историчарот проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев во биографијата на Поп Арсов, осојузените балкански држави Бугарија, Србија и Грција ги забрзале подготовките за поделба на отоманското наследство на Балканот (тука спаѓала и Македонија), па така, обврзувајќи се со меѓусебни договори го создале тн. Балкански сојуз.

Ова било во спротивност со делувањето на Петар Поп Арсов и други македонски интелектуалци и револуцинери во првите десетина години од XX век, но и претходно во XIX век, вложувале напори за црковно-просветна, културна, национална и политичка афирмација на македонскиот народ.

До Балканските војни, таквите „тајни“ грчко-српско-бугарски преговори и договори за поделбата на Македонија полека станале јавна тајна, па македонските интелектуалци почнале на разни начини да дејствуваат за да ја спречат претстојната поделба.

Несрдечна вечера со не толку посакувани гости

Уште првата вечер по влегувањето на Српската војска во градот, октомври 1912-та, истакнатиот велешанец д-р Панче Васков, заедно со видни свои сограѓани: Петар Поп Арсов, Ризов, Мартулков и Иван Поп Јорданов, поканил на вечера и неколку српски офицери. Во оваа пригода, Мартулков, како што пишува во своите спомени – „бил принуден“ да одржи поздравен говор за српските гости.

– Балканскиот сојуз во оваа војна нека во иднина прерасне во балканска федерација – единствената гаранција за заштита на интересите на балканските народи и нивно независно и самостојно постоење! – меѓу другото нагласил Мартулков.

Таквиот настап не им се допаднал на српските офицери, па еден од нив дури забележал и дека замислената балканска федерација, наводно, не била во согласност со „словенскиот сојуз“ за чиишто граници „мајка Русија“ ќе требало да одлучува. Познато е дека во тие години, официјална Русија е против независна или автономна Македонија, па Мартулков пишува дека српските окупатори воопшто – и на улиците на Велес не ги криеле своите големосрпски стремежи, а веднаш по нивното заминување од куќата, Ризов му забележал на Мартулков дека во вакви случаи требало „подипломатски“ да се одговори. На сѐ ова Поп Арсов реагирал остро.

– Во вакви битни мигови какви што сега ги преживуваме, не треба да си ги закопаме главите в песок и да не гледаме од каде иде бурата. Нека ја имаме смелоста да го кажеме она што треба да го кажеме! А, „Бизмарк“ (Мартулков, н.з.) го рече тоа што треба да се рече! – подвлекол Поп Арсов.

Набргу по воспоставувањето на привремената српска власт, во Велес бил направен обид и за воспоставување бугарска управа за градот и околината. Таквата постапка, според Ѓорѓиев, придонела за заострување на српскиот режим во градот и кон бугарските пратеници-агенти, но и особено – кон поранешните македонски револуционери. Тука, всушност, според историчарот, се видело дека ни српските, ни бугарските воени окупатори немаат нималку „ослободителни“, ниту пак, пријателски намери.

– Сега сите почнаа да сфаќаат дека македонскиот народ е изложен, бидејќи се спрема ново и потешко ропство – додава Ризов.

Следствено, Поп Арсов кој своевремено ѝ се спротивставил на српската вооружена пропаганда во Азот, сега морал да се крие од српските власти, па и од веројатно убиство без пресуда.

Дoaѓањето на Димитрија Чуповски

Во тие трагични денови за Македонија и македонскиот народ, специјално од Царска Русија, Димитрија Чуповски тргнал кон Македонија. Така, тој, преку Софија – Ниш – Скопје, пристигнал во Велес. И, најпрво го побарал Петар Поп Арсов. Со него ја договориле Семакедонската конференција, што требало да ги обедини македонските интелектуално-револуционерни сили во фронт за автономна, самостојна и неделива Македонија.

– (Семакедонската конференција, н.з.) се одржала на 21 ноември 1912 година, во Велес, во куќата на Ангел Коробар. Празникот „Свети Архангел“, односно именденот на домаќинот, послужил како одлична камуфлажа за да се одбегне секој сомнеж на српските власти за таков собир – појаснува проф. Ѓорѓиев.

За тоа колку била сериозна работата, говорат наводите дека наредните месеци, кога српските окупациони власти разбрале дека во собирот била вклучена и куќата на поп Јован Чуповски (братучед на Димитрија Чуповски), меѓу другите негови „гревови“ против српската власт, набргу го фатиле свештеникот, а потоа го расекле на парчиња и го фрлиле во Вардар.

Собирот во куќата на Коробар го отворил Поп Арсов. На него присуствувале и Д. Чуповски, И.П. Јорданов, Ризов, Мартулков. Претставниците од Сер и Драма кои биле поканети и планирани за присуство – не можеле да дојдат, поради воените дејствија во тоа подрачје. Но, присутен бил „врховистот“ Крум Зографов – придружен уште од двајца приврзаници на големодржавниот бугаризам.

Не сите од поранешниот софиски Врховен македонско-одрински комитет биле поборници за поголема држава Бугарија, со цела Македонија (или барем поголем дел) – во нејзините граници, но многумина во ВМОК ја туркале таа замисла и доктрина. Затоа, и кога проф. Ѓорѓиев, или пак, Мартулков говорат за „врховисти“, тоа е синоним за големобугаристичката доктрина.

– По воведното излагање на Петар Поп Арсов на собирот, збор зел Димитрија Чуповски. Тој ги запознал присутните и истакнал дека „поделбата на Македонија е решена“ од страна на сојузниците. Затоа, Чуповски инсистирал да се преземат мерки во насока на самостојна Македонија, предлагајќи да се поднесе Меморандум до големите сили каде што ќе се изнесат барањата на македонскиот народ за самостојна Македонија.

„Тој посочил и дека треба да се испрати македонска делегација на Мировната конференција во Лондон, која пред големите европски сили ќе настојува на автономија за Македонија под протекторат на големите сили“,  посочува историчарот Ѓорѓиев.

Оваа концепција уште на стартот на собирот наишла на спротивставување кај Крум Зографов и неговите луѓе. Големобугаристот Зографов, како претставник на Софија, остро и заканувачки го отфрлил и самото спомнување на самостојна Македонија. Веднаш бил поддржан од своите двајца придружници.

Врховисти и големобугаристи: Јордан Иванов и Крум Зографов

После таквиот истап на големобугаристите, Петар Поп Арсов им се обратил:

– Секогаш сте биле гробари на Македонија, а и сега сте нејзини гробари.

По вербалната расправија, врховистите го напуштиле собирот.

– Нивната активност, според Ризов, всушност, била координирана од велешанецот Димитар Кушев кој живеел во Софија, а во таа прилика дошол во Велес. Кушев имал задача да ја следи и попречи дејноста на Д. Чуповски, со цел – „да се зачува Македонија за Бугарија“ – цитира проф. Ѓорѓиев.

Поради можноста од предавство на врховистите што ја напуштиле Конференцијата, останатите учесници морале да ја напуштат куќата на Ангел Коробар. Така, сите, во текот на ноќта – еден по еден, а Петар Поп Арсов дури наредниот ден, биле префрлени од Ризов во куќата на поп Јован Чуповски. Тука се одлучило почнатата акција да се прошири на цела Македонија. За таа цел, сведочи А. Мартулков, било решено Ризов да замине во Солун, а требало и во Битола, за да ги запознае тамошните револуционери со предлогот на Д. Чуповски за испраќање македонска делегација на Конференцијата во Лондон.

Собирот истовремено одлучил во составот на делегацијата да бидат Димитрија Чуповски и Петар Поп Арсов – тие да отпатуваат за Лондон и Париз. Тоа патување не се остварило.

За бараната „автономија“ јазици ќе се сечат, глави ќе паѓаат

Ризо Ризов отпатувал за Солун. Меѓутоа, не успеал да се сретне ниту со еден од Серската револуционерна група. Како што Ризов самиот сведочи – со неговите идеи единствено допрел до својот пријател – некогашниот гемиџија Павел Шатев. Нему му ги изложил плановите, а овој од своја страна ветил дека за идејата ќе привлече и други луѓе. Преку него, Ризов се сретнал и со професорот Јордан Иванов.

Како поранешен секретар на „Бугарското трговско претставништво“ во Солун (т.е. искален бугарски дипломат и агент-разузнавач), Иванов откако ги ислушал плановите на Ризов, одговорил во познатиот големобугаристички стил.

– Момче, момче… За тој збор (автономија), ние јазици ќе сечеме! За тоа ли бугарскиот народ се тепа, за тоа ли си jа пролева крвта, та сега вие да барате автономија? Знаете дека ние само за таа автономија во армијата пуштивме 20.000 души детективи. Глави ќе паѓаат! – се заканил големобугаристот.

Од кажаново се изненадил и Шатев.

Ризов знаел чии мисли и зборови пренесува професорот Јордан Иванов – на бугарскиот престолонаследник Борис, син на царот Фердинанд. Во тоа време во Солун престојувал и познатиот руски политичар и бугарофил Павел Миљуков. Подоцна, во весникот „Реч“ пишува дека во декември 1912-та, истакнати македонски револуционери му предале писмен протест на принцот Борис. Протестирачите барале „единствена автономна Македонија“, според Русинот. Ризов, во својот напис во „Македонско дело“ (јануари 1926), потврдува дека во тоа време, бугарскиот принц Борис се наоѓал во Солун, а во неговата најтесна придружба биле Тодор Александров и проф. Јордан Иванов. Ризов, вели, им ја открил својата дејност на тогаш најмоќните противници на самостојна Македонија.

Поради сите овие причини, Ризов го напуштил Солун и „како што човек се враќа од погребот на најсаканото суштество“ – се вратил во Велес. Во меѓувреме, и Димитрија Чуповски насетил дека го следат, па се вратил назад во Русија.

„Ако во Македонија Чуповски немаше поволни услови за поширок потфат, таа можност му се укажа во Санкт Петербург. Таму, предводејќи ја македонската колонија, ја ширел вистината за Македонија настојувајќи да ја убеди руската и европската јавност и нивните дипломати во неопходноста од потребата за самостојна и независна Македонија“, вели историчарот Ванчо Ѓорѓиев.

Согласно одлуките од Семакедонската конференција во Велес, македонската колонија во Санкт Петербург на 1 март 1913 година упатила „Меморандум за независноста на Македонија до Конференцијата на пратениците на големите држави во Лондон“. Со него се бара: 1. Македонија, во своите географски, етнографски, историски и економско-политички граници, да стане единствена, неделива, независна балканска држава; и 2. Во најскоро време, врз основа на општо гласање, да се свика македонско народно собрание во Солун, кое подробно ќе го разработи внатрешното уредување на државата и ќе ги определи своите односи со соседите.

Со „Меморандумот“ е испратена и географска, т.е. етно-национална карта на Македонија.

Македонската колонија во Русија испратила меморандуми со иста содржина и до владите на сојузните балкански држави и до тамошната јавност. Во него, покрај независна македонска држава, се изнесува и барањето за воспоставување автокефалност, т.е. возобновување на Охридската архиепископија како македонска црква, којашто ќе влезе во канонско единство со другите православни цркви.

Поп Арсов, еден од најбитните македонски идеолози

Годианва одбележуваме 158 години од раѓањето на Петар Поп Арсов. Станува збор за македонски учител, филолог, теоретичар, публицист и еден од најбитните идеолози на Македонската револуционерна организација (МРО, подоцна наречена Тајна, па Внатрешна – ВМРО) – роден на 14 август 1868, во с. Богомила, Велешко. Бил еден од „Лозарите“ во 1892. – само една година пред да се впише меѓу шесте основачи на Организацијата, а неколку месеци подоцна, бугарските власти вторпат го забраниле неговиот весник „Лоза“. Како апологет на идеалот за самостојна, неделива, автономна, независна Македонија, Поп Арсов бил политички активен и како деец на граѓанската Народна федеративна партија во младотурската држава, по 1908 година, кога дејците на ВМРО виделе простор и надеж за послободно и демократско дејствување.

По Првата светска војна учествувал во дејноста на Привременото претставништво на поранешната ВМРО и продолжил да ѝ се спротивставува на агресорската политика во тројно поделената Македонија. Во 1930 година се преселил во Софија, каде што живеел повлечено со сопругата, но останал во контакт со македонските дејци. Починал на 1 јануари 1941 година. На неговиот погреб кај црквата „Св. Седмочисленици“ имало многубројни негови пријатели и македонски дејци.

Поврзани содржини