ОБВИНЕТИОТ ТРИФУН КОСТОВСКИ СЕ ЗАКАНУВА СО МЕЃУНАРОДНА АРБИТРАЖА „Заробената правда ќе ѝ испорача милионска сметка на Македонија“

Бизнисменот со замрзнат имот тврди дека обвинението за Еуростандард банка е „политичка компензација меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ“. Тој вели дека на Македонија ѝ е потребен нов политички субјект. Дали Трифун најавува формирање нова партија?

453

Државата ќе ја плати милионската сметка за однесувањето на „заробеното правосудство“ во неговиот случај за Еуростандард банка, тврди Трифун Костовски.

Бизнисменот Костовски на Фејсбук напиша дека е во интензивна комуникација со реномирана адвокатска канцеларија од Вашингтон и дека „според досегашните согледувања, предметот поврзан со стечајот на Еуростандард банка е зрел за поведување арбитражна постапка“.






Но, пред предметот официјално да биде изнесен пред меѓународна арбитража, мора да бидат завршени расположливите судски постапки во земјава.

„Се создава впечаток дека домашните судски институции се свесни за можните последици што на крајот би ги плаќала државата. Токму затоа се поставува прашањето дали постапките намерно се одолжуваат повеќекратно подолго од роковите предвидени со закон“, се жали Костовски.

Во својата колумна на Фејсбук насловена „Заробената правда ќе ѝ испорача милионска сметка на Македонија“, обвинетиот Костовски тврди дека тој и уште три лица, за кои е предложено отворање судска постапка, однапред се жигосани и дека причината за тоа се тесните партиски интереси и политичките пресметки.

„Во текот на изминатиот летен период, за само еден месец, ОЈО ГОКК ги затвори предметите Мазут, Талир 1 и Талир 2. Во јавноста неизбежно се отвора сомнежот дали станува збор за политичка компензација меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ“, пишува Трифун Костовски.

Во колумната на Фејсбук, бизнисменот, поранешен градоначалник на Скопје, додава дека на Македонија ѝ е потребен „нов политички субјект, ослободен од етничките и верските поделби“.

„Потребен е современ модел на политичко дејствување, предводен од луѓе со знаење, искуство, карактер и чесност“, вели Костовски.

„До кога ќе молчиме пред неправдите што ги овозможува системот и пред молкот на трите основни власти — законодавната, извршната и судската?“, е неговото реторичко прашање што ја отвора дилемата дали Трифун Костовски најавува формирање нова политичка партија.

Поврзани содржини